Македонија
18. April 2017 - 20:56

Мирен протестен марш на „За заедничка Македонија“ по 51-ви пат во Скопје

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и вечерва одржа мирен протестен марш во Скопје.

Учесниците на маршот ја минаа вообичаената маршрута, од Владата до Собранието на Република Македонија.

- Повторно, 51 ден застануваме за да ја искажеме својата благодарност и почит кон човекот кој постојано на најразноразните второ и третокласни бирократи им кажува каде им е местото. Ним не им е местото ниту во Народната канцеларија, ниту во Вилата Водно на средби со претседателот на Република Македонија. Место на средба со претседателот, најмуваат луѓе кои нè нарекуваат славомакедонци, луѓе кои не ја осудуваат тиранската платформа, луѓе кои не го изговараат името на нашата држава, рече Богдан Илиевски од граѓанската иницијативата пред Народната канцеларија на претседателот.

И денешниот гостин, посочи, е испратен како што треба да биде испратен.

- Му благодариме и го охрабруваме Ѓорге Иванов да продолжи да го брани суверенитетот на Република Македонија, додаде Илиевски.

Учесниците на маршот се упатија пред Собранието. - Законодавниот ден и денес не избра претседател на Собранието кој не се откажал од тиранската платформа, тоа е нова победа. Браво за сите нас, нова голема победа за сите граѓани кои се на улиците. На улица сме 51 ден со паролата За заедничка Македонија, за сите нејзини граѓани. Држава која ќе е еднакво, мултиетничко општетство, а не поделена двојазична земја. Тука сме и денес, ќе бидеме тука се додека треба, рече Илиевски пред Законодавниот дом.

Тој нагласи дека в петок ќе излезат со прецизен план и многу важни пораки.

Елена Мисиркова, внука на Крсте Петков Мисирков и член на Иницијативата „За заедничка Македонија“, рече дека нивниот протест е за семакедонско обединување.

- Да не заборавиме која е нашата основна идеја. Ние делуваме надпартиски со тоа што сакаме да ги обединиме сите оние припадници на партиите коишто се наши браќа и сестри, кои треба да го делат нашето чувство и идеја за нашата татковина. Ние го носиме залогот на нашите предци и дека тој залог треба да го оставиме на потомците, рече во обраќањето Мисиркова.

Мисиркова на пратениците им порача дека не треба да заборават оти народот е тој кој ги избрал.

– Прво ние ги избравме, да не заборават дека ние ги пративме таму. Ни должат внимание, ни должат вистинско решение за сите нас и да ја испочитуваат суверената и унитарна Република Македонија, истакна Мисиркова, додавајќи дека ако е потребно да се спроведат предвремени парламентарни избори, тогаш тие треба да се распишат за да реши политичката ситуација.

Таа ги повика сите да и се придружат на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, посочувајќи дека добредојдени се сите кои ја делат чистата мисла и идеја.

Иницијативата „За заедничка Македонија“ организираше мирен протестен марш и во повеќе градови низ државата.