Македонија
12. December 2016 - 13:20

Министрите за надворешни работи на ЕУ задоволни од изборите, очекуваат формирање стабилна Влада

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, денеска во Брисел, заедно со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, организираа работен појадок со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, на кого му ги пренесоа импресиите од успешното организирање и спроведување на фер избори во Македонија.
 
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Попоски ги информираше своите колеги од Унијата за изборниот ден, при што од нив е посочено дека наскоро се очекува и формирање на стабилна Влада на победниците.
            
- Денешната средба со министрите за надворешни работи на Европската унија е во функција на повторно враќање на европската агенда во Република Македонија. Во тој правец, мислам дека вчерашното успешно организирање на фер и демократски избори е веројатно и најкрупната придобивка, бидејќи тоа претставуваше и еден од предусловите за завршување на политичката криза, истакна министерот Попоски во изјава за МИА по средбата во Брисел.
           
На овој состанок, на кој домаќини беа министрите од Австрија, Себастијан Курц, од Словенија, Карл Ерјавец и од Унгарија, Петер Сијарто, според шефот на македонската дипломатија било нотирано дека огромната излезност и начинот на кој беа организирани изборите, било констатирано како „исклучително успешно“.
 
- Тоа е добар аргумент за Република Македонија да може повторно да се врати на клучните приоритети на граѓаните, а тоа е економски развој, европски интеграциски процеси и реформите. Во овој контекст, мислам дека постои големо ниво на свесност кај поголем број на земји-членки дека оставањето на ситуација која опстојува од 2009 година, а тоа е непочнување на преговори за членство и покрај препораките на Европската комисија, носи определена цена и веројатно во услови во кои многу од тие предуслови што претходно беа поставени, вклучително и успешното спроведување на изборите, мора да резултира со поместување на тој процес, вели Попоски.
 
Австрискиот и унгарскиот минситер за надворешнни работи, Курц и Сијарто, потенцираа дека ЕУ е задоволан од фер и демократските избори во Македонија и дека очекуваат наксоро избор на стабилна Влада од страна на победниците во македонскиот и албанскиот табор.
 
На крајот, Никола Попоски додаде дека ситуацијата што опстојува од 2009 година, со повторени препоркаи од Еврокомисијата, без одлучување од страна на Советот, односно земјите-членки, дека не би требало да се повтори во услови во кои многу од сите критериуми што беа поставени во претходниот временски период, беа остварени, вклучително и успешното спроведување на фер и демократски избори.
 
- Со ова сметаме дека во 2017 година мора да има сериозно исчекорување и приближување кон интеграција на Република Македонија во Европската унија, која мора да започне со процес на преговори, заврши Попоски.
 
Оваа средба со шефовите на ЕУ-дипломатиите на македонскиот министер дојде пред денешниот Совет за надворешни работи на Европската унија во Брисел, а еврокомесарот Хан, посочи дека својот официјален став и изјава за македонските парламентарни избори ќе го даде попладнево, откако ОБСЕ/ОДИХР денеска ќе ја кажат својата прва оценка за изборниот ден во Република Македонија.