Македонија
20. January 2017 - 17:02

Министерството за земјоделство изготви бесплатни проекти за изградба на фарми и насади

Бесплатни проекти за изградба на фарми и подигнување на насади. Заштеди до 10 000 евра за земјоделците. Повеќе нема да мора сами да ги изработуваат проектите ,туку ќе ги имаат готови во подрачните единици на Министерството за земјоделство.

На располагање се вкупно 27 различни проекти со кои ќе можат да аплицираат за неповратните средства од ИПАРД 2 програмата и Програмата за рурален развој. Проектите се  за овошни и лозови насади, сточарски и бројлерски фарми и за изградба на мандри и силоси.

-За сточарите се изработени 15 проекти за отворање мини фарми за 10 и 20 маторици, за 30 и 50 гојни грла говеда, за 10, 20 и 30 молзни крави, за 100 и 300 молзни кози, за 100 и 300 молзни овци, како и проекти за мандри и за типски фарми за бројлери од 250, 500 и 1.000 метри квадратни.

Целта на проектите за мини фарми е да се подобри снабдувањето на пазарот со млеко и месо како и да се подобрат приходите на сточарите. Од друга страна да се намали увозната зависност на земјава.

 Со проектите за изградба на силоси ќе се реши долгогодишниот проблем на производителите на житни култури, кои немаат сместувачки капацитети за родот.

Освен бесплатните проекти, земјоделците на располагање го имаат и Гарантниот фонд. Со парите од фондот им се покрива половина од хипотеката за кредитите кои ќе ги земат од банките. Истовремено, државата покрива и 50 отсто од каматата за кредитите земени за реализација на ИПАРД проектите. До крајот на месецот ќе излезе огласот за ИПАРД 2.