Македонија
23. November 2017 - 16:58

Министерството за здравство се уште анализира колку лекари учествуваат во повеќе комисии за што земаат пари

Министерството за здравство се уште прави ревизија и испитува колку комисии има под нивна капа, колку членови има и дали се потребни или не, откако Сител објави дека вработени од ова министерство членуваат и во 10 комисии во исто време. И додека надлежните истражуваат, според информации на Сител, во МЗ има околу 200 комисии и во најголем број од нив овие функции на членовите им се платени и тоа од буџетот на МЗ а месечно земаат од 5 000 до 10 000 денари од комисија. Според информации на Сител, не само што станува број за голема бројка туку е нејасно дали и зошто некои правници земаат дополнителни финансии за законски измени, кога тоа е дел од нивните работни обврски. За таа цел во МЗ постои Комисија за законски измени на Законот за здравствена заштита. Има и комисии за јавни набавки, за лекови како и за медицински студии.

Уште во понеделникот Сител испрати прашање до Министерството колку од буџетот се потрошени на комисиите досега и уште колку финансиски средства треба да им бидат исплатени по решенијата, согласно кој правилник одредуваат кој колку треба да биде платен и во кои случаи станува збор за редовни активности а во кои за вонредни? Одговор не добивме бидејќи службите се уште истражувале.

Освен за своите вработени од министерството очекуваме одговор и за доктори од скопските клиники кои имаат по неколку функции. Сител веќе објави за лекарка од Детска која за три месеци станала член на управен одбор, раководител на оддел, советник, дел од комисија за лекување во странство како и одговорна во комисија за изработка на протоколи за работа. Тоа се најмалку 50 000 денари дополнителен приход месечно.