Бизнис
14. July 2016 - 18:09

Министерството за финансии реагира на соопштението на СДСМ за еврообврзницата

На тврдењето на СДСМ дека  издавањето на еврообврзницата е противзаконско реагира Министерството за финансии кое смета дека целта на опозициската партија е да ја дезинформира јавноста и со наведување членови од закони без да се наведе нивната содржина да го прикаже издавањето на еврообврзницата како незаконско. 

- Еврообврзницата се издава согласно Законот за јавен долг член 18 став 5 кој гласи државните хартии од вредност во име на Република Македонија на меѓународниот пазар на капитал ги издава Министерствотто за финансии врз основа на одлука на Владата на Република Македонија со која се утврдува максималниот износ на ново задолжување преку државни хартии од вредност. Владата на седница одржана на 2 јуни .2016 година донесе одлука за издавање на еврообврзница и истата е објавена во Службен весник на РМ, соопшти Министерството за финансии.

Во пишаната реакција Министерството посочува дека во одлуката на Владата е јасно прецизирано дека еврообврзницата е наменета за финансирање на две фискални години.

- Тоа значи дека не е точно обвинувањето на СДСМ дека е надмината сумата за обезбедување средства од странски извори предвидена со буџетот за 2016 година. Издавањето државни хартии од вредност е регулирано со Законот за јавен долг. Државните записи се издаваат од 2004 година, а првата еврообврзница се издаде во 2005 година, наведува Министерството. 

Во однос на повикувањето на СДСМ на Законот за Влада, Министерството посочува дека членовите 44, 45 и 46 во тој закон се однесуваат на формирање Влада во која учеството на опозициските министри и заменици министри имало за цел подготовка на изборите во 2016 година.

- Изборите беа два пати закажани и одложени, а министрите и замениците министри од СДСМ поднесоа оставка, која што им беше верификувана во Парламентот на РМ, стои во реакцијата на Министерството за финансии.