Бизнис
13. December 2017 - 13:33

Министерство за транспорт: Да се создадат услови за нормализирање на железничкиот сообраќај

Министерството за транспорт и врски соопшти дека денеска или најдоцна до утре ќе обезбеди дел од потребните пари за покривање на загубите за патнички сообраќај во МЖ Транспорт, каде машинскиот и извршниот персонал веќе два дена целосно го блокира железничкиот сообраќај. 

Во соопштение по средбата на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески со менаџерскиот тим на МЖ Транспорт и претставници на штрајкувачкиот одбор ресорното Министерство апелира до менаџерскиот тим и синдикалните организации да најдат решенија во најбрз можен рок за да се овозможи непречено одвивање на железничкиот сообраќај.

- Министерството за транспорт и врски во рамките на своите надлежности и понатаму ќе продолжи со исплата на средства на име трансфери и субвенции кон Железница, но потребно е да се создадат услови за нормално функционирање на железничкиот систем. Во случај на продолжување на блокада на железничкиот сообраќај ќе се доведе во прашање исплатата на заостанатите плати за сите вработени во железничките претпријатија, се вели во соопштението.

Претходно, Душко Чакаровски, машиновозач во МЖ ад Транспорт, изјави дека на средбата со владините претставници и менаџментот на претпријатието добиле ветување за исплата на вториот дел од октомвриската плата во текот на денов или најдоцна утре, но, како што рече, додека не бидат префрлени парите нема да прекине блокадата на железничкиот сообраќај.

Возовите ќе тргнат кога ќе бидат исплатени парите, рече Чакаровски.

На средбата, додаде, им било речено дека засега не може да се гарантира дека до 25 декември ќе се исплати во целост платата за ноември, како што побараа вработените, и за тоа се остава простор да се разговара дополнително.

Протестот на машинскиот и на извршниот персонал во МЖ ад Транспорт почна завчера првично со целосен прекин на товарниот сообраќај, по што беше блокиран и патничкиот превоз.