Бизнис
22. November 2017 - 20:27

Министерствата и финансии се уште не се усогласиле за бесцаринскиот увоз на литиумски батерии за електрични возила

Министерствата за економија и финансии сеуште не ги усогласиле ставовите за укинување на царината за литиумските акумулатори. Одлуката која наиде на жестоки реакции во јавноста, бидејќи единствено компанијата Брако на вицепремиерот Анѓушев ги користи овие батерии, заглави во финансии. Оттаму велат дека сеуште се усогласуваат со министерството за економија, иако првин не се произнесоа позитивно за истата одлука. Анѓушев пак е оптимист дека царината ќе се укине за неколку недели.  Вели дека единствено треба   да се допрецизира - дали мерката ќе важи само за производство наменето за извоз.
 
- Мерката е дизајнирана само за да го подобри македонскиот извоз и да се произведуваат електрични автомобили што ќе бидат наменети за извоз - изјави Анѓушев пред промовирање на Канцеларијата на италијанската Конфиндустрија во Македонија. Тој посочи дека по грешка во нашиот Закон е ставена царина од 15 отсто за увоз на литиум-јонски батерии. Со тоа производството не може да биде конкурентно. Ние сакаме да го изедначиме да биде конкурентно исто како и европското -потенцира Анѓушев. 
 
Од Министерството за економија како предлагач на мерката повторуваат дека одлуката за укинување на царината е оправдана, со оглед на тоа дека истата се однесува за стока кој не се произведува во земјава.
 
Стока која во Република Македонија има многу повисока царинска стапка во однос на царинската стапка за истата стока  во земјите членки на ЕУ, како и стока која не ѝ штети на конкурентноста на домашната индустрија, туку напротив, ќе ја зголеми конкурентноста и ќе овозможи привлекување на странски инвестиции во оваа област. Сето друго се инсинуации, за кои е беспредметно да се разговара.
 
Инаку владината одлука за укинување на царината наиде на жестока реакција и кај опозицијата. Од ВМРО ДПМНЕ обвинија дека со ова само ќе се зголеми профитот на Анѓушев, бидејќи токму неговата фирма Брако добила нарачка за производство на 35 возила со вакви акумулатори.