Македонија
16. July 2017 - 16:23

Министерот за здравство најавува почисти клиники

Ќе се подобрува хигиената во клинички. Се чистат пристапните патишта и просторот во кругот на комплексот клиники „Мајка Тереза“. Од Министерството за здравство велат дека со направена анализа е утврдено дека е нарушена хигиената на јавните површини околу клиниките. Според ресорниот министер Таравари, вакви акции за уредување на заедничкиот простор е предвидено да се организираат неколку пати во текот на годината.

-Направивме анализа за тоа кои се најголеми жалби на пациентите во Клиничкиот центар и во болниците. Апсолутно на прво место беше хигиената. Затоа е и оваа прва акција. Вакви се надевам и други методи што ќе ги користи Министерството во иднина за да се одржи хигиената и надвор и внатре во клиниките, бидејќи тоа е сериозен проблем, изјави Таравари.

Од здравство велат дека во следниот период ќе се работи и на подобрување на хигиената во внатрешноста на болниците. Инспекциските контроли покажале дека нивото на хигиена е незадоволително во неколку здравствени објекти во државата за што веќе се подготвени казни за менаџерите и вработените. За надминување на ваквата состојба, се предвидува во иднина да се вклучат и приватни компании кои ќе се грижат за хигиената во болниците.  

- Веќе размислуваме за идејни решенија и како да го поправиме тоа. Можеби ќе ангажираме надворешни фирми, прво експериментално во две болници. Гостивар и Гинекологија ќе почне една фирма што бесплатно ќе работи и според тоа како ќе бидат задоволни пациентите и лекарите и дали интрахоспитални инфекции се намалени, потоа ќе одлучиме дали тоа ќе го спроведеме на уште неколку клиники каде можеме финансиски, изјави Таравари.

Инаку министерот Таравари најави измени во системот „Мој термин“ кои се однесуваат на новороденчињата. Предвидено е извод од книгата на родените да се издава во болницата.