Македонија
28. јуни 2017 - 17:37

Министерот за здравство ќе испитува како е спроведен тендерот за изградба на Клинички центар

Министерот за здравство ќе испитува како е спроведен тендерот за изградба на Клинички центар, дали има пропусти  и колку  утврдената цена е соодветна за новиот објект. Вакво задолжение Таравари добил на вчерашната владина седница каде одлучиле дека е потребна ревизија на договорот.

На извршната власт како едни од спорните сегменти е што цената за изградба била зголемувана двапати а нелогичности имало и во бројот на клиники кои треба да бидат дел од новиот комплекс.   

Министерот Таравари има краток рок да ги подготви сите информации и да ги достави до Влада. И покрај шпекулациите дека е можно новиот објект да биде дислоциран на друго место, денеска не добивме ниту потврда ниту демант од ресорното министерство.

Правни експерти велат дека не може да се реализира изградба на Клинички центар на друго место, бидејќи во тој случај ќе треба да биде раскинат договорот што екс министерот Тодоров го потпиша со конзорциумот на 19 мај. Тогаш ќе мора да бидат платени милионски суми за пенали како и дополнителен период за нов проект и нов елаборат.

Пред 7 години беше презентирана физибилити студија за изградба на нов Клинички центар во Бардовци, за што беше ангажирана и француска консултантска куќа. Но тоа остана само како предлог идеја.