Македонија
6. October 2016 - 19:20

Министерот Спасовски во посета на полициската станица во Куманово

Безбедносната состојба во општина Куманово е стабилна, мирна и граѓаните треба да бидат спокојни зашто Секторот за внатрешни работи Куманово е во кондиција и има добра соработка за да се држи состојбата под контрола, оцени министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешната посета на СВР Куманово.

Спасовски беше информиран за безбедносната состојба на овој регион кој е засегнат од мигрантската криза и за предизвиците со кои се соочуваат.

- Секторот за внатрешни работи генерално се соочува со истите проблеми што се соочува Министерството за внатрешни работи. Треба повеќе луѓе за полицајци заради тоа што пополнетоста не е на завидно ниво, потребни се материјално технички средства и опрема. Дополнителен проблем е начинот на функционирањето на крим техниката за  кој ќе мора да се бара решение. Генерално треба да се знае дека државата треба да одели повеќе пари за да имаме добро Министерство за внатрешни работи, изјави Спасовски.

За ситуацијата со мигрантите на граничниот премин Табановце рече дека во моментов западно-балканската рута не функционира и нема проток на мигранти, но проблем се криумчарските канали и илегалните минувања на границата.

- Процесот на миграција е нешто што е глобален проблем и не е проблем што зависи од Република Македонија, ниту решението ќе дојде само од нас. Затоа сме упатени на соработка и регионална и на ниво на Европската унија, па и пошироко. Во моментов западно-балканста рута не функционира т.е нема проток на мигранти. Имаме околу 200 лица во двата кампа. Но, мигрантската криза може во секој момент да добие на интензитет и затоа државата треба да биде подготвена на тоа, рече Спасовски.

Дополнителен проблем за нас е, додаде, што не функционира оваа рута, бидејќи се појавуваат повеќе криумчарски канали и луѓе кои влегуваат илегално на територијата на Република Македонија.

- Пред неколку дена во селото Лојане беа откриени 35 мигранти што ги чувале како заложници. Од СВР Куманово ме информираа денеска дека се преземаат сите можни мерки да се справиме со таквата состојба, меѓутоа генерално мигрантската криза ќе биде решавана на начин на кој што ќе биде понудено решение од страна на Европската унија, потенцира Спасовски.

Прашан за коментар за наводите дека во СВР Куманово има двојно раководство Спасовски рече дека не постои такво нешто.

- Во Куманово нема двојно раководство, како што нема во ниту еден од секторите за внатрешни работи, ниту во Министерството за внатрешни работи. Постои закон за измени на Законот за Влада во кој се дефинирани односите помеѓу началникот и помеѓу дополнителниот заменик началник. Денеска на средбата сите заеднички се договоривме како понатаму да работиме, рече Спасовски.

Во врска со претресот на Универзитетот МИТ рече дека од МВР била побарана само асистенција, а за какво кривично дело се работи, одговор треба да даде Основното јавно обвинителство Скопје кое ја води целата постапка.