Македонија
28. јуни 2017 - 14:22

Министерот Спасовски се сретна со полскиот амбасадор Мултановски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа работна средба со амбасадорот на Република Полска во Македонија Јацек Мултановски.

Амбасадорот Мултановски, како што соопшти МВР, му го честитал изборот на министерот Спасовски и му посакал успешна работа. Тој ја потенцирал одличната соработка меѓу двете земји и решеноста на Република Полска максимално да и помогне на Република Македонија на патот кон НАТО и Европската унија. Мултановски изразил интерес за најавените реформи во МВР и за приоритетите во наредниот период. 

Министерот Спасовски се заблагодарил на честитките и на досегашната соработка со Република Полска и ја потенцирал решеноста за спроведување реформи во македонската полиција и за таа, како што се наведува, да се департизира и декриминализира и да биде вистински сервис на граѓаните.

- Министерството за внатрешни работи е во многу лоша финансиска состојба затоа што во минатото премногу средства се трошеле на непотребни работи, а полицајците неколку години работат без основните средства за работа. Веќе се преземени активности во сите сегменти и се работи на решавањето на проблемите, нагласил Спасовски на средбата.