Македонија
24. November 2016 - 17:33

Министерот Спасовски на работилница за управување со стресот при работа

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска учествуваше на работилницата за управување со стресот при работа во Центарот за обука во Идризово, организирана од Италијанската амбасада во Скопје, а финансиски помогната од Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје.

На работилницата присуствуваа и амбасадорите на Италија и ОБСЕ, Карло Ромео и Нина Суомалаинен.

За министерот Спасовски полициската професија, претставува една од најстресните професии, особено при сложени внатрешни или надворешни состојби.

- По правило „стресот“, односно неговата појава и манифестирање најчесто го одредува степенот на чувството за индивидуална одговорност - во која знаат да бидат испреплетени приватните и професионални причинители. Од друга страна, стресот и тоа како го условува личното поведение, дејствителност, функционалност. Во општества како нашево, кога се поништени сите граници на лична егзистенцијална сигурност, но и на личната професионална сигурност и мотивираност. Стресот е логичен епилог како индивидуално, но и колективно чувство кое во голема мера го одредува однесувањето на луѓето кон себе, кон блиските, кон колегите, кон работата, истакна Спасовски.

Според него, партизирањето на државните институции во кој што македонската полиција како еден од клучните столбови во системското „заробување на државата“ било најжестоко втурната, и создало дополнителен и секојдневен стрес фактор кај македонските полициски службеници: партиско-политички притисок и закана за професионалната кариера и работното место.

- Повеќе од неопходно е оваа ментална состојба, односно справувањето со стресот и превенцијата на можните последици кај полициските службеници да добие соодветен и важен третман во рамки на она што значи менаџмент на работење во службата. Стресот, меѓу другото, како последица има намалување на ефикасност, нефункционалност, што во полициското работење не можеме да си ги дозволиме, затоа што тие пак можат да резултираат со други уште потешки последици кои се одразуваат врз сигурноста и безбедноста на граѓаните и на општеството, рече министерот Спасовски.

Потенцира дека охрабрува и радува фактот што нашите европски партнери, во конкретниот случај Република Италија во соработка со ОБСЕ, уште еднаш на дело ја покажуваат својата решеност и посветност да и помагаат на Република Македонија.