Македонија
27. April 2017 - 15:01

Министерот Јолевски на билатерални средби при посетата на Хрватска

Министерот за одбрана Зоран Јолевски во рамки на посетата на Хрватска оствари повеќе билатерални средби со негови колеги и со високи претставници од ресорните министерства. 

Како што информира Министерството за одбрана, Јолевски се сретнал со претседателката на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ која, како што се наведува, изразила целосна поддршка на евроатлантските интегративни процеси на земјите од Југоисточна Европа. Двајцата соговорници се согласиле дека овие процеси се од стратешки интерес за Европа и размениле мислења за безбедносната состојба во регионот, Европа и пошироко.

Министерот Јолевски остварил средба и со неговиот хрватски колега Дамир Крстичевиќ со кого разговарале за развојот на меѓусебната соработка на полето на одбраната, со посебен осврт на военото образование и користењето на меѓусебните капацитети со регионален и НАТО предзнак. Јолевски посочил дека Македонија развива неколку клучни капацитети на полето на обуката, меѓу кои и Центарот за обука на пилоти, како и армискиот полигон „Криволак“ кој веќе има регионална димензија. Се заблагодарил за можноста за школување на еден граѓанин на Република Македонија на програмата за Воено инженерство на Воената академија во Хрватска, за што Конкурсот за пријавување на кандидати е во тек.

Военото образование и начините за унапредување на соработката биле тема на разговор и на одвоените средби со министерката за одбрана на Босна и Херцеговина Марина Пендеш, како и со заменикот потсекретар во турското министерство за одбрана Коксал Лиман.

- Македонија останува на својата заложба за блиска и интензивна регионална соработка како начин за надминување на можните безбедносни ризици во регионот, истакнал Јолевски на средбите. Како пример за преземеното лидерство во оваа област ги навел Постојаниот штаб на Балканските медицински наменски сили отворен во Скопје неодамна, чиј член е и БиХ, како и лоцирањето на главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа во Македонија во периодот 2020 – 2026 година.

Министерот Јолевски имал одделни средби со претставници на стратегискиот партнер на Македонија, САД, односно со заменикот-потсекретар за воздухопловство и меѓународни работи Хајди Грант која ја предводела американската делегација. Соговорниците изразиле задоволство од одличните односи меѓу Македонија и САД и поддршката која нашата земја ја добива од САД во процесите за континуиран развој на полето на одбраната. Договорено било тие процеси уште повеќе да се интензивираат во сите аспекти на одбраната.

Јолевски се сретнал и со советникот Ларс Шмит од шведското Министерство за одбрана, со кого разговарал за модалитетите за унапредување на соработката меѓу двете министерства, особено имајќи ги предвид одличните меѓудржавни односи.

Како што соопшти Министерството за одбрана, Јолевски и делегацијата од Министерството и Армијата за време на Саемот за напредни технологии се запознале со голем број производители на воена опрема, новините во оваа област и идните правци на развој на воената индустрија.