Македонија
7. March 2016 - 14:13

Министерот Јашари за случаите „Дива Населба“ и „Монструм“

Министерот за правда Аднан Јашари денеска по отворањето на семинарот за „Користење на унифицирана судска пракса“ одговараше на новинарски прашања во врска со случаите  „Дива Населба“ и „Монструм“.

- Точно е дека одредени членови од семејствата на обвинетите во случајот „Дива населба“ поради недостиг на место не присуствуваа на последното судско рочиште во Кривичниот суд. Според информациите што ги добив по средбата меѓу одредени членови на семејствата со претседателот и заменик - претседателот на Кривичниот суд, тие не присуствувале на рочиштето бидејќи тоа не го дозволува просторот, рече Јашари.

Посочи дека доставил допис со барање до претседателот на Врховниот суд на РМ за да ја отстапи салата за следното рочиште за „Дива населба“.

Според него, оваа  ситуација ќе се реши со пуштање во употреба на новиот објект на Кривичниот суд. - Сите работи се завршени, но одлуката за пуштањето на новиот објект на судот е на претседателот на Кривичниот суд. Од страна на Министерството за правда се преземени сите потребни мерки за новиот објект на судот да се пушти побрзо, рече Јашари.

На прашање како го коментира одбивањето на косовските власти за екстрадиција на двајцата осомничени во случајот „Монструм“ Јашари одговори дека се работи за одлука на Основниот суд во Пришина.

- Ние за таа одлука бевме известени преку Министерството за правда на Косово и таа одлука е доставена во Основниот суд Скопје 1, рече Јашари.

Меѓу Македонија и Косово има договор за екстрадиција кој е ратификуван и се применува, истакна Јашари и додаде дека од претходниот министер за правда се преземени сите потребни дејствија во рамки на надлежностите и се доставени сите потребни документи.