Македонија
20. September 2016 - 10:50

Министерката Арсовска Томовска на глобален форум за дигитална трансформација во Холандија

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска учествува на „Глобалниот форум 2016“ посветен на дигитализацијата и глобалната трансформација.

Во фокусот на меѓународниот форум, што се одржува вчера и денеска во Холандија, се влијанието на дигитализацијата врз развојот на општеството, визии за иднината, новите современи практики, како и примената на дигитализацијата во различните сфери на живеењето.

Како што соопшти Министерство за информатичко општество и администрација, Арсовска Томовска во своето обраќање на воведната сесија зборувала за главните столбови на кои се темели дигиталната трансформација во Република Македонија, кои вклучуваат поддршка на иновациите и технолошкиот развој, обезбедување на универзален пристап до технологијата и заедничко разбирање на нејзиното користење, градење партнерски однос со граѓаните, како и континуирана надградба на човечките капацитети.

- Дигиталната трансформација на општеството има многу подлабока смисла и подразбира создавање на нови стратегии, процеси и модели, кои ќе доведат до нови и подобри начини за создавање на вредности, рече Арсовска Томовска.

Меѓу другото, го посочи воведувањето на широкопојасниот интернет и 5G, интероперабилноста за електронска испорака на услуги, отворени владини податоци, cloud computing, е-учење и регулаторната гилотина.

За време на форумот Арсовска Томовска оствари средби со високи  претставници и експерти со кои размени искуства во однос на новите технолошки решенија и развој на ИКТ секторот.

На „Глобалниот форум 2016“ има повеќе од 300 учесници од над 40 земји во светот, вклучувајќи високи претставници на повеќе влади од САД до Јапонија, на Европската комисија, Светска банка, ОЕЦД, претставници на најголемите технолошки компании во светот, како и врвни професори и иноватори.