Свет
26. April 2017 - 9:27

Министер поднесе оставка заради гаф со изјава за несреќата во 2011 година

Јапонскиот министер Масахиро Имамура, кој беше одговорен за обновата на земјата по атомската хаварија во АЕЦ „Фукушима-1“ во 2011 година, вчера беше принуден да се повлече од функцијата откако се најде во центарот на скандал, предизвикан од негова непромислена изјава која наиде на незадоволство во јавноста, пренесува БТА. 

На свеченост на пратениците од владејачката Либерално-демократска партија тој вчера кажа дека подобро е што силниот земјотрес, што ги предизвика цунамито и нуклеарната катастрофа во Фукушима, да удрил во североисточниот дел на земјата, а не врз Токио, каде ќе имало многу повеќе жртви.

Во несреќата од 2011 година имаше околу 18.000 жртви.

Имамура веднаш се извини за своите зборови, призна дека биле неумесни, изрази жалење што ги повредил чувствата на населението од регионот и поднесе ставка.

За однесувањето на министерот и премиерот Шинѕо Абе беше принуден да се извини . 

Всушност ова беше втор скандал на министерот предизвикан овој месец. Првиот му беше поврзан со негово избувнување заради прашање на репортер, кој го прашал за одговорноста на државата за судбината на луѓето, кои доброволно го напуштиле регионот, а биле настрадани во нуклеарната хаварија. Министерот, видно гневен, побарал новинарот да излезе од салата, а кога тој одбил и продолжил да поставува прашања, грубо му подвикнал да замолчи.

Прашањето за елиминација на последиците од хаваријата и животот на евакуираните од опасната зона се уште е многу чувствително во Јапонија, затоа што обновата на настраданите региони оди  бавно и многу од семејствата, кои беа принудени да ги напуштат, ја загубиле надежта дека ќе се вратат во своите домови.