Македонија
29. November 2015 - 20:13

Милошоски: ВМРО – ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните

ВМРО – ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните, да ги слуша нивните идеи, да ги преточува во програми, да направиме заеднички изборна програма, да одиме достоинствено на избори, да го заштитиме угледот на нашата држава, стабилноста на нашата економија и да имаме кристално јасна победа на политичката опција која работи во интерес на народот во април 2016 година, порача вечерва од Струга членот на Извршниот комитетет на партијата, Антонио Милошоски.

На трибината што се одржува во рамките на кампањата „На Македонија и треба твојата идеја“, Милошоски нагласи дека оние што се занимаваат со политика треба да прифатат дека таа има стандарди.

- Оние што сакаат да се занимаваат со шпионажа нека излезат од политиката и нека си бркаат друга работа нека не остават да работиме заедно со граѓаните за доброто на нашата заедничка држава, рече Милошоски.

Во име на паријата, тој им се заблагодари на граѓаните за поддршката што и ја даваа во изминатите години, нагласувајќи дека ВМРО – ДПМНЕ востановила нов политички стандард од 2006 година со политичка програма.

- Од 2006 година стана стандард да се има полтичка програма, дотогаш, изборите беа сметани како можност за давање празни ветувања. ВМРО – ДПМНЕ востанови нов политички стандард да се изготви проект, да се сослушаат барањата, потребите и проблемите на граѓаните, тие да се преточат во политичка програма и да се побара поддршката со утврдени рокови, одговорности и установи што треба да ги исполнат и врз основа на исполнетот да се излезе повторно на избори, истакна Милошоски.

Дејствувањето на политичките на ВМРО – ДПМНЕ, според него, најзабалежителни се на потегот од Кичево, кон Струга и Охрид.

- Прв пат по 30-40 години се градат некои работи во Охридско-струшкиот регион. Почна да се гради долгонајавуваниот автопат од многу политички партии,  Кичево - Охрид и Охрид - Струга. Тој автопат ќе стане реалност токму затоа што беше дел од програмата на ВМРО – ДПМНЕ. Тоа што сме го ветиле во минатата програма тоа го правиме на дело, посочи Милошовски потсетувајќи и на изградбата на фабриките на ОДВ Електрик и Костал кои ќе овозможат нови вработувања во регионот.

Од  февруари годинава, додаде тој, сме заложници како држава и стопанство, Парламент и политика... пред се. како што потенцира, поради тоа што една политичка партија не смогнала сили да ги признае кристално чистите резултати на минатите избори.

- Непризнавањето на тие резултати, според нас е непризнавање на волјата на народот и заради тоа непризнавање ја втурнаа државата во една криза од која ќе излеземе уште посилни, порача Милошоски од Струга.

Во оваа држава, додаде, гласаат граѓаните на Македонија нивниот глас важел и ќе важи и тие ќе одлучат кој ќе биде победникот на изборите.

Тој смета дека СДСМ почнала со некои т.н. афери за фалсификувани 30.000 лични карти, за кои во најкраток рок треба да се произнесе нивниот технички министер за внатрешни работи и доколку некој направил такво нешто треба да биде изведен пред лицето на правдата, а ако не, како што рече, тој што фабрикува да биде изведен пред лицето на правдата.

Побара од граѓаните да ги достават своите идеи и размислувања, кои ќе бидат разгледани и преточени во заедничка програма за претстојните предвремени парламентарни избори.

- Таа програма да не биде на ВМРО-ДПМНЕ, туку програмата за изборите во 2016 година да биде програма на граѓаните, кои и мислат добро и сакаат напредок на Република Македонија. - Таквата програма што ќе ја пишуваат граѓаните ќе има најголеми шанси на изборите во 2016 година, рече Милошоски.

Илија Димоски смета дека овој пат можеби партијата се соочува со најголемиот предизвик, бидејќи, како што рече СДСМ, ги упторебува најнечистите, најцрните и најдолните начини како да дојдат до власт.

- Немајќи можност, капацитет, знаење, кадровска понуда и луѓе кои може да излезат и да понудат програма, но и граѓаните да им веруваат, СДСМ одлучија дека ќе користат методи од подземјето, од полициски и од најдолен карактер за да се обидат на некој начин, не можејќи себеси да се претстават во добро светло, да ја претстават ВМРО – ДПМНЕ во лошо светло. Но заборавиле дека нивната претстава не можат да им ја наметнат на сите наши сограѓани, кои секојдневно живеат и се борат за да опстојат во оваа наша држава, рече Димоски.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски потсети на реализираните и тековните проекти во патната инфраструктура, меѓу кои реконстурираниот автопат Скопје – Велес, градбата на патот Битола - Ресен – Буково, автопатот Скопје – Штип, патот Велес – Штип, автопатот Кичево – Охрид... Распишан е тендер за реконструкција на Скопје – Куманово, ќе се гради нов пат Крива Паланка - Ранковце, проектиран до границата со Бугарија... За следната година најави дека ќе почне изградбата на уште еден пат од Крива Паланка до Македонска Каменица, како и изградбата на автопатот Кичево – Гостивар....

- Во секој град ја раширивме инфраструктурната мрежа. Во моментот се градат над 35 километри автопатишта. Инвестиција од над една милјарда евра само во патната инфраструктура. Се градат и над 700 километри локални патишта во секое населено место. Во секој град има распишано или завршено тендер за водовод и канализација, работиме на подобрување на инфраструктурата, истакна Мисајловски, ветувајќи дека така и ќе продолжат.

Во името на пратениците од Струга говореше Лилјана Затуроска, која ги повика своите сограѓани да ги дадат своите идеи и да помогнат во креирањето на новата програма на ВМРО – ДПМНЕ.

Кампањата „ На Македонија и треба твојата идеја“ вечерва продолжува во Охрид, каде функционери на ВМРО – ДПМНЕ, предводени од Антонио Милошоски ќе имаат можност да ги слушнат идеите и проблемите од охриѓани.