Македонија
7. October 2015 - 18:26

Милошоски: Продолжуваат преговорите за изборното законодавство

Преговорите на  работната група за измените во изборното законодавство согласно со договорот од Пржино, продолжуваат попладнево, изјави пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ којшто е дел од разговорите. 

- Мора да се каже дека преговорите се прилично напорни. Има различни позиции по различни прашања  и тоа што ги прави позициите посложени е што одредени стојалишта на одредени политички партии многу често се менуваат, рече Милошоски.

На пример, како што посочи, во текот на вчерашниот ден имало брзо менување на ставот на СДСМ кој се откажал од долгогодишно барање за активна регистрација, како еден од нивните предуслови за прочистување на Избирачкиот список. 

СДСМ, потенцираше тој, од 2014-та наваму создава одредени политички кризи врз основа на непризнавањето на изборите тврдејќи дека 150.000 гласачи се фиктивни и дека тоа е грешката во Избирачкиот список и заради тоа ги губат изборите.

- Но вчера во раните утрински за само 150 секунди се откажаа од овој став истовремено не нудејќи некој друг кој може да биде реален концепт кој нив би им овозможил да имаат доверба во Избирачкиот список, рече Милошоски.

Го  искористија, посочи тој, вчерашното поднесување на законот за необјавување на прислушувани материјали како одреден изговор  за застој во преговорите.

- Но откако се договоривме тој закон да биде отворен и за дополнително обработување амандмани од страна на опозицијата да се разгледа заеднички, да биде истовремено разгледуван и со одредени закони преземени како обврска од ХЛАД поврзани со тн. свиркачи тогаш се откочи расправата за Изборниот законик, но заглави на првата  точка и најважната за СДСМ, а тоа е прочистувањето на Избирачкиот список. Дали денеска тоа ќе овозможи некоја нова позиција  или дали тоа ќе овозможи напредок во преговорите останува да видиме во текот на денешниот ден, рече Милошоски.

Она, што според него изненадува е честото менување на ставовите на СДСМ и инсистирањето на СДСМ Изборниот законик да биде ткаов каков што тие како партија го замислуваат. 

- Веројатно очекуваат начинот на реформирање на Изборниот законик да биде некаква гаранција за тоа дека тие ќе можат да  победат на следните избори, рече Милошоски  по средбата со потпретседателката на  косовскиот  парламент, Дуда Баља. 

Во однос на гласањето на дијаспората Милошоски вели дека е јасно оти СДСМ е против пратеници од дијаспората.

- За жал, СДСМ застапува еден нефер став каде што формално кажуваат дека дијаспората би требало да има право на глас, а истовремено бараат гласањето на дијаспората за пратеник да биде условено со цензус од 90 проценти што самите се свесни дека во една Австралија со две избирачки места не може физички да се постигне да гласаат повеќе од две илјади лица како и во кој било две други избирачки места во Република Македонија, вели Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија, посочи тој, што нуди овој концепт со гласање на дијаспората да опстане и да се надгради со отворање на нови избирачки места во текот на изборите за да може еднаквоста на гласот да биде во сразмер со еднаквоста на можноста да се стигне до гласачкото место.

- Цениме тоа што дијаспората која годишно има придонес во македонскиот бруто национален производ со отприлика 18,5 проценти е доволен влог за да може да бидат симболично претставени во македонското Собрание, изјави Милошоски.

Ваквата непопустливост, потенцира тој, ќе резултира со прифаќање на предлогот на ДУИ, сега да се суспендира гласањето на дијаспората.