Македонија
22. September 2017 - 16:53

Милионски рецепти за лекови за смирување, граѓаните живеат со висок притисок

Секој македонски осигуреник во првите шест месеци годинава испил по една кутија лек за притисок и срце. Истиот период биле реализирани над 1,5 милиони рецепти за оваа терапија што е за 70 000 повеќе од лани. Исто така секој четврти Македонец од аптека подигнал диазепам и кај оваа терапија, податоците во Фондот за здравствено осигурување покажуваат пораст секоја година.  

Дека граѓаните се навлечени на апчиња укажува и бројот на реализирани рецепти. Од јануари до јуни матичните лекари пропишале 11.514 милиони рецепти што е за 5 проценти повеќе од 2016. Во споредба со минатото, бројките покажуваат дека од почетокот на годината досега македонците испиле многу повеќе лекови отколку во цела 2008 година.

Надлежните институции секогаш кога излегуваат извештаите признаваат дека бројките се алармантни. Уште пред две години најавија засилување на превентивата и навремено откривање на болесатите што би значело и помалку пиење на лекови. Но и последната полугодишна статистика покажува дека има големо зголемување на лекот што го пијат пациенти со дијабет.

Неофицијално, бројот на потрошени лекови е многу поголем од пропишаните рецепти.

- Изминатите неколку години здравствените власти најавуваа детална анализа на состојбата зошто и на што се должи зголемената потрошувачка на лекови за притисок и седатици. Но од тоа засега ништо. Од друга страна, се поставува и прашањето колку оваа бројка е реална имајќи во предвид дека Фондот има ограничени буџети за аптеките.