Македонија
19. March 2018 - 17:13

Мицкоски: Власта е неспособна да ги спроведе реформите, интерпелација за Џафери

Единствено решение за Македонија е заминување на оваа власт. Опозицискиот лидер Мицкоски во интервју за Нетпрес вели дека неспособноста на владата ја донела македонската евроагенда во ќорсокак.
„Владата рече дека ќе ги реализира реформите за 3, 6 и 9 месеци, затоа го нарекоа популистички планот 3-6-9, еве поминаа 10 месеци, ниту до половина не се стигнати. Нудат законски решенија како од минатиот систем, кои наместо да обезбедат правичност, обезбедуваат нефункционалност на институциите. Ние знаеме што треба и ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка на реформските закони само затоа што се од интерес на граѓаните. Но, тие закони потоа мора да профункционираат, а каква неспособност гледаме во моментот очекувањата се мали нешто воопшто да профункционира. “ – вели Мицкоски.

Опозицискиот лидер вели дека наместо едно општество за сите, власта со донесувањето на Законот за јазици ги поларизирала граѓаните и ставила прст во очите на соживотот. Мицкоски уште еднаш повтори дека овој закон е неприменлив а постапката на претседателот Иванов ја оцени како државничка. Најави дека наскоро, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе и интерпелација за како што вели, лицето Талат Џафери
Во периодот кој следи најави засилени активности на неговата партија

„Решението е оваа влада да падне. Што побрзо, со тоа ќе биде и штетата помала. По реорганизацијата и консолидацијата, ВМРО-ДПМНЕ излегува на улица на масовни демонстрации со поставувања на барања по кои оваа неспособна влада мора да си оди. Мора да има избори под услови со кои ќе се гарантира да бидат фер и да се почитува волјата на граѓаните. Во меѓувреме изготвуваме програма, која ќе понуди решенија, а веќе денеска сум на терен меѓу граѓаните“  – вели Мицкоски за Нетпрес.