Македонија
27. јуни 2017 - 16:39

Метју Нимиц следната недела доаѓа во Македонија? Прва средба со новата власт

Медијаторот во спорот за името, Метју Нимиц до крајот на неделава ќе ја посети Македонија, јавува МТВ повикувајќи се на неименувани извори во Вашингтон.

Според јавниот сервис, медијаторот ќе го посети Скопје, но не и Атина.

Посетата на Нимиц доаѓа во време на засилена дипломатска активност во насока на деблокада на евроатланските интеграции на Македонија.

Нимиц, според неофицијалните извори, во Скопје ќе има средби со државниот врв, на кои ќе се разгледаат ставовите за продолжување на преговорите во спорот за името. Неодамна, Нимиц во интервју за грчки весник потенцираше дека решавањето на спорот треба да биде високо на агендата на новата македонска влада.

За информацијата дека Нимиц ќе ја посети Македонија се уште не може да се добие официјална потврда како ниту информација дали медијаторот ќе дојде со нов предлог за решение на името, или пак само ќе го испитува теренот.

Дел од грчките медиуми веќе објавија дека и на медијаторот Нимиц но и на македонскиот шеф на дипломатијата, Никола Димитров, уште за време на посетата на Атина му било соопштено дека предлогот Вардарска Македонија е прифатлив за грчката страна, откако грчкиот министер за надворешни работи ги урна надежите на македонските власти дека земјава ќе може да стане дел од нато под привремената референца.