Ракомет
25. November 2017 - 19:40

Металург со пораз се збогува од своите навивачи во Лигата на шампиони

 Македонскиот вицепрвак Металург со пораз го заврши својот настап пред домашната публика во ракометната Лига на шампионите.
 
Металург попладнево загуби од Мотор Запорожје со 22-30, полувреме 12-16, во дуелот од претпоследното 9-то коло во Д групата кој се одигра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
 
Многу рано гостите резултатски се одлепија, па веќе во шестата минута имаа и четири гола предност 1-5. Избраниците на Јовиќ никако не успеаја да возвратат со серија, па на одмор заминаа со негатива од 12-16. Во второто полувреме украинскиот тим рутинирано ја одржуваше, но и зголемуваше предноста, која на крајот изнесуваше осум гола разлика 22-30.
 
Најефикасен во редовите на Металург беше Дарко Димитриевски со пет гола, додека Халил Јагањац постигна четири.
 
Во првиот меч од Д група Чеховски Медведи го победи Спортинг Лисабон со 30-27.
 
Токму португалскиот тим ќе биде последниот противник Металург во Лигата на шампионите, во мечот кој ќе се игра во Лисабон на 2 декември.
 
Табела: Монпелје 16 бодови, Мотор Запорожје 13, Бешикташ 7, Спортинг 6, Чеховски Медведи 7 и Металург 5.
 
Македонскиот и европски првак Вардар утре гостува во Мајнхајм, кај Ран-Некар Левен во дуел од А групата во која црвено-црните се лидери со два бода повеќе токму од германскиот тим.