Ракомет
22. September 2016 - 14:46

Металург почнува со Елверум

Македонскиот вицепрвак Металург новата сезона од ракометната Лига на шампионите ќе ја почне со натпреварот во сабота на домашен терен против норвешкиот шампион Елверум. Овие два тима и лани беа дел од ова натпреварување и играа во истата група. На дуелот во Скопје беше 22:19 за Металург, додека Елверум победи пред своите навивачи со 29:23.
На денешниот прес во пресрет на дуелот тренерот Лино Червар изјави:
- На стартот од Лигата на шампионите ќе играме против „познат противник“. Но, екипата на Елверум има промени во однос на лани. Нивниот главен квалитет е високата одбрана, а ние ќе мора да се обидеме да играме широко и да ја развлечеме. Треба да внимаваме на нивниот брз центар и на нивната транзиција, секако и не смееме да имаме падови во играта. Нашата екипа е младата и по тоа сме единствени во Европа.
За саботниот натпревар во Металург нема да може да сметаат на повредените Немања Обрадовиќ и Стефан Дрогришки, додека за разлика од дуелот од СЕХА лигата се очекува настап на македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски.
Капитенот Филип Талески, за првиот ривал сезонава во ЛШ истакна:
- Ова ќе биде дуел со познат противник. Ние сме желни за докажување и за борба. Со максимална ангажираност и со помош од публиката можеме да стигнеме до првата победа што би било одлично.
За годинашниве амбиции на клубот во ЛШ Червар рече:
- Очекуваме да бидеме барем еден чекот во плус во однос на ланската сезона.
Натпреварот Металург – Елверум се игра во сабота со почеток во 17:30 часот во „ВИП Арена“ во СЦ „Борис Трајковски“, а натпреварот ќе го судат Фабиан Баумгарт и Саша Вилд од Германија.