Балкан
26. November 2017 - 19:11

Мета во посета на Медвеѓа: Порака за нова соработка

Албанскиот претседател Илир Мета денеска пристигна во посета на Медвеѓа. На преминот Мутивода беше пречекан од претседателот на Координативното тело за јужна Србија Зоран Станковиќ и претседателот на Општината Медвеѓа Небојша Арсиќ.

Станковиќ за агенцијата Танјуг изјави дека посетата на Мета е договорена на државно ниво со Амбасадата на Србија во Тирана и дека денеска почнале прелиминарни разговори со советниците од албанска и српска националност кои изнеле свои мислења за политичката ситуација и за тоа што треба да се направи за подобрување на односите помеѓу Србија и Албанија. 

Албанскиот претседател изјави дека е многу задоволен што може да испрати порака за нова соработка.   

- Самиот факт што сме овде значи дека сме позитивни и затоа сме овде - да дадеме јасна порака дека сме за соработка и заедничка работа. Сакам да истакнам од Медвеѓа дека иднината на нашите народи и целиот регион е во Европската унија, а тоа може да се оствари единствено со блиска соработка, рече Мета.

Тој изрази очекување дека неговата посета ќе придонесе да се посвети повеќе внимание на албанското национално малцинство во Србија.

Како што јави Танјуг, Мета додаде дека е задоволен и од начинот на кој го поздравиле локалните власти и претставниците на државата, како и поради идните разговори со советниците, општинското раководство и Координативното тело.

Станковиќ додаде дека со Мета ќе имаат одвоен разговор за неколку важни теми, а дека главна тема ќе бидат учебниците за чија употреба е постигнат договор меѓу Националниот совет на Албанците во Србија и Министерството за образование на Србија.    
    
- Предвидено е 35 учебника од Албанија и осум учебници со национални обележја, вредности и култура на албанскиот народ да бидат на располагање на училиштата во кои се учи албански јазик, рече Станковиќ.   

На средбата ќе разговараат и за обележјата на албанското национално малцинство во Србија. - Тие обележја, знаме и грб, мора да имаат отстапки во однос на државните симболи на Албанија и Националниот совет треба да предложи обележја на албанското национално малцинство за кои потоа ќе се разговара, појасни Станковиќ.      

Тој најави дека двајцата ќе разговараат и за решавање на економските проблеми и невработеноста, како и за соработка во областа на културата и спортот.     

Претседателот на Општината, Арсиќ рече дека Медвеѓа е одличен пример за добри меѓунационални односи.     

- Овде луѓето не се делат по националност, туку по човечност и добредојден е секој кој има добри намери, рече Арсиќ при пречекот на Мета.
     
Посетата на албанскиот претседател завршува утре