Македонија
20. November 2017 - 16:31

Мета и Иванов загрижени за здравствената состојба на притворениот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко

Со вметнувањето во законот за малцинства на бугарско малцинство во поседен момент, Албанија покажала дека се грижи за малцинските заедници, смета албанскиот Претседател Илир Мета. Мета не сакаше да одговори со што е уценета албанската влада од бугарската за признавање на непостоечкото бугарско малцинство на штета на Македонците. Тој сепак додава дека нема да охрабрува нереални ситуации.

Мета, кој престојува во возвратна официјална посета на Македонија, заедно со Претседателот Иванов изразија загриженост за здравствената состојба на притворениот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко, за што разговарале и наденешната средба, но и телефонски на денот на притворањето.

И додека Мета го поздрави законот за официјализирање на албанскиот јазик, Претседателот Иванов ќе се произнесе откако финалната верзија на законот ќе биде доставена до него.

Инаку, двајцата претседатели се обврзаа двете земји да си разменуваат искуства за ЕУ интеграциите и НАТО, и укажаа на потребата од подобра железничка и енергетска инфраструктура, за зголемување на трговската размена.