Свет
23. January 2017 - 18:31

Меркел трпеливо чека покана од Белата куќа

Германската канцеларка Ангела Меркел трпеливо чека да биде поканета во Белата куќа на преговори со американскиот претседател Доналд Трамп, и не се грижи што британската премиерка Тереза Меј ќе биде првиот странски лидер кој се сретнал со новиот претседател на САД, изјави претставникот на Меркел, Штефен Зајберт. 

- Се во свое време, истакна Зајберт, пред новинарите во одговор на прашањето: Кога Берлин очекува канцеларката да преговара со Трамп? 

- Германија е во контакт со новата Влада на САД, потенцира претставникот на Меркел. 

Зајберт негираше дека Берлин е незадоволен од фактот што британската премиерка Тереза Меј ќе стане првиот лидер на земја од ЕУ кој ќе преговара со Трамп. 

Таа ќе се сретне со него в петок, при посетата на Белата куќа. 

- Меѓу Вашингтон и Лондон отсекогаш имало блиски врски, наведе претставникот на Меркел, и посочи дека Меј сака да разговара со Трамп за евентуален економски договор меѓу САД и Велика Британија како дел од плановите за Брегзит.