Свет
16. January 2017 - 14:25

Меркел го прочитала интервјуто на Трамп, Германија очекува соработка со САД

Портпаролот на Владата во Берлин Штефан Зајберт денеска на редовна прес-конференција изјави дека германската канцеларка Ангела Меркел со интерес го прочитала интервјуто на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за германскиот весник „Билд“, во кое тој им се заканува на германски фирми со воведување на царини.

Како што јавува дописникот на МИА од Берлин, Зајберт одби да коментира за детали во врска со позициите на Трамп дадени во интервјуто, најавувајќи дека Германија има за цел да остварува блиска соработка со новата американска администрација.

- Ќе видиме каква ќе биде американската политика по инаугурацијата на претседателот Трамп в петок, изјави Зајберт во Берлин.

Претходно, осуда за заканите на Трамп за германските компании, за најавата за укинувањето на санкциите кон Русија и улогата на НАТО искажаа министрите за надворешни работи и Финансии Франк-Валтер Штајнмаер и Волфганг Шојбле, како и вицеканцеларот и министер за економија Зигмар Габриел.

Во интервјуто Трамп рече дека ја почитува Меркел како еден од најголемите политичари на светот, но и дека таа направила катастрофална грешка со приeмот на околу еден милиони илегални мигранти.