Свет
10. November 2016 - 9:29

Мексиканскиот претседател наскоро ќе има средба со новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп

Претседателот на Мексико, Енрике Пења Нието честитајќи му ја победата на Доналд Трамп на претседателските избори, изјави дека тие се договориле - наредниов период да остварат средба, пренесе БТА.

- Со новоизбраниот претседател се договоривме да се сретнеме, за време на преодниот период (пред Трамп да положи заклетва во јануари), за јасно да ја дефинираме насоката, по којашто ќе се развиваат односите помеѓу двете држави, рече на прес-конференција Нието.

Тој притоа истакна дека бил „срдечен, пријателски и исполнет со почит" телефонскиот разговор со човекот кој за време на американската предизборна кампања беше прилично остар кон Мексканците, или барем кон оние кои нелегално имигрираат во САД.

- Депортирањето на незаконски мексикански имигранти од САД може да зачести по стапувањето на должност на Трамп, но тој процес нема да отпочне наскоро, посочи мексиканскиот заменик министер за внатрешни работи и за миграција Умберто Роке Вилануева, за западните медиуми, јави БТА.

- Мексико исто така е подготвен да лобира во американскиот Конгрес и да ги искористи сите законски средства за да го блокира планот на Трамп Мексико да плати за изградбата на ѕид по јужната граница на САД, додаде Вилануева.