Балкан
18. September 2015 - 9:49

Меимаракис: Експериментот Сириза завршува во недела

Лидерот на Нова демокатија Вангелис Меимаракис повторно ја истакна потребата од консензус по изборите со цел земјата да се извлече од кризата, појаснувајќи дека, сепак, тоа може да се постигне само со оние кои го сакаат тоа.

- Го избравме плоштадот Омонија (Слога) за да го симболизираме патот што го сакаме за земјата. Испраќаме пораки за единство на целиот грчки народ, изјави Меимаракис за време на предизборниот говор во центарот на Атина и побара од луѓето да и веруваат на Нова демократија.

- Со Божја помош и волјата на народот, во понеделник ќе формираме влада со Нова демократија како главна партија. Влада на достојни и способни, влада на сите Грци, рече тој обраќајќи им се посебно на младите, жените, просечните бизнисмени, на вработените во приватниот и јавниот сектор, работниците и невработените.

Коментирајќи во врска со лидерот на Сириза, Алексис Ципрас, Меимаракис го критикуваше за „внесување на земјата во хаос“, истакнувајќи дека тој се обидува да ги измами Грците да гласаат вторпат за него.

- Грците не сакаат повеќе Сириза експеримент, не сакаат повеќе популизам. Време е да се стави крај на неспособноста. Експериментот Сириза завршува во недела, рече лидерот на Нова демократија.