Македонија
21. јуни 2017 - 12:24

Меѓународна ликовна колонија во Гевгелија

Во организација на Фондацијата „Аполонија“ оваа година по 16-ти пат се одржува Меѓународна ликовна колонија во Гевгелија на која учествуваат  десет ликовни уметници од Македонија, Србија и Бугарија.

Под будните очи на Аце Ристовски, директор на Фондацијата и на Драги Хаџи-Николов, селектор на овогодишниот состав, во извонредни услови за работа, собраните уметници, секој со свој ракопис, ги создаваат своите дела.

Според Ристовски, сликарите ќе изработуваат дела по сопствен избор, инспирирани од гевгелиското поднебје, кои на публиката ќе и бидат презентирани на изложба по затворањето на колонијата.

- Престојот на уметниците кои ќе творат во рамките на Ликовната колонија АПОЛОНИЈА во селото Ума ќе биде искористен за создавање традиција, при која во знак на благодарност за гостопримството искажано од жителите на селото Ума, Фондацијата Аполонија секоја година на црквата св.Пантелејмон ќе подарува по една оригинална икона, изработена од ученици во ликовната колонија. Во план е и, во соработка со соодветните институции да започнат активности поврзани со конзервирање и обновување на фреските во црквата со с.Ума“, истакна Ристовски.

Младите сили на македонската ликовна сцена: Маја Димитрова, Татјана Коцева и Викторија Титова, како и гостот од Севлиево, Бугарија, Васко Василев на Фондацијата ќе и остават трудови инспирирани од пејсажите од селото Ума.

Сега веќе искусните и на ликовната сцена одамна докажани Ниче Василев, Јордан Јанев – Дане, Драги Хаџи-Николов и Синиша Кашавелски му останаа верни на својот досегашен препознатлив ликовен израз. Овогодишната гостинка од соседна Грција, Катерина Ноитси се претстави со комбинирана техника, со која, со помош на бакарни ливчиња изработи гранка од грозје, библиска билка, препознатлива на овие простори. Гостинот од Србија, Михаило Глигориќ – Глиша своето уметничко умеење го искажа со трудови изработени со посебна и ретко изведувана ер браш техника.

Гостинот од Белград, уметничкиот фотограф Рајко Р. Каришиќ и овој пат на Фондацијата ќе ѝ остави колекција на фотографии на платно посветени на црквата св. Пантелејмон во селото Ума.

Досега на Меѓународната ликовна колонија учествуваа 90 уметници, а беа претставени 300 уметнички дела. Инаку годинашната Меѓународна ликовна колонија во Гевгелија која започна на 12 јуни, ќе биде затворена утре, кога Фондацијата Аполонија ќе го прослави своето 10 годишно постоење.

Оваа идеја на организаторите, која е спроведена на дело на најдобар можен начин, е уште еден доказ дека Фондацијата „Аполонија“ постојано е посветена и на останатите сегменти на своето дејствување како општествено одговорна организацијакоја стана препознатлива по спонзорствата и донациите во културата животната средина социјалната вклученост образованието и многу други области.