Македонија
24. November 2017 - 20:09

Меѓуетничка интеграција на младите

Младите од сите етнички заедници заедно да станат одговорни граѓани кои ќе изградат просперитетна, енергична и инклузивна иднина за сите. Новиот проект на УСАИД има за цел младите луѓе да станат активни во своите заедници и да градат силни врски со врсниците од различно потекло. Токму различноста е најголема придобивка за една држава смета амбасадорот на САД Џес Бејли кој присуствуваше на свечениот настан за старт на проектот.

- Особено е важно младите да сфатат дека граѓанското учество всушност значи наша одговорност секојдневно да бидеме активни во нашите заедници, да учествуваме во донесувањето на одлуки и да ги премостуваме нашите разлики за да можеме заедно да се справивме со предизвиците

„Во минатите пет години, УСАИД Македонија и нејзините партнери работеа со Владата на Македонија и сите основни и средни училишта. Меѓу многуте достигнувања, беа изградени 400 партнерства помеѓу училиштата со различни наставни јазици, на тој начин сплотувајќи ги наставниците и учениците во реализирањето на наставни и воннаставни активности“, изјави американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли.

Проектот е продолжение на претходниот кој во изминатите 5 години се реализираше за меѓуетничка интеграција во образованието. Во соработка со Владата беа реновирани 63 училишта и изградени 400 партнерства меѓу училиштата цела држава.

- Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието ќе работи во партнерство со сите општини и основни и средни училишта во Македонија со цел на младите луѓе од различно потекло да им овозможи да научат за граѓанските права и одговорности преку реализирање на едноставни иницијативи за подобрување на нивните училишта и заедници.“

Училиштата кои ќе покажат активно учество во зајакнувањето на меѓуетничката интеграција  ќе бидат наградено со дополнителна поддршка за реновирање на училиштата од Европската команда на Армијата на САД. Проектот ќе трае 5 години и чини 5, 8 милиони долари.