Македонија
22. December 2015 - 16:12

Мега скандал: Голем дел од незаконски прислушуваните материјали на Заев пронајдени во „Фабриката за афери“

Преку 70 000 незаконски снимени разговори се пронајдени кај осомничените во случајот „Фабрика за афери“. Извори од истрагата откриваат дека овие фајлови биле складирани на еден од надворешните хард дискови во фолдер именуван „СДСМ - Заев“.

Фолдерот бил креиран во септември 2015 година, односно после потпишувањето на договорот од Пржино и обврската преземена од Зоран Заев за предавање на незаконски стекнатите материјали.

Се работи за незаконски снимени рагзовори на макеоднски политичари односно за необјавени „бомби“ од архивата на Заев, а од комуникациите кои досега се проверени постојат индиции дека имало и намера да бидат продавани во други држави. Дел најверојатно завршиле кај осомничениот за Шпион Зоран Божиновски кој и самиот се пофали на социјалните мрежи дека поседува незаконски снимени материјали.

Од досегашната истрага е потврдено дека освен Министерот Оливер Спасовски, во контакт со прво осомничениот од криминалната група, Захир Бекири викан Чауш, бил и лидерот на партијата Зоран Заев. Подолг период, почнувајќи од почетокот на годинава, двајцата имале интензивна комуникација. Според сознанијата на истрагата средби се одржале и  во седиштето на партијата. Периодот во кој се среќавале во голема мера се поклопува и со периодот на емитувањето на таканаречените бомби. На дел од состаноците Заев и Чауш направиле и заеднички фотографии.

Со овие нови моменти во истрагата за „Фабриката за афери“ на СДСМ, станува повеќе од јасно зошто Заев одлучи да не го почитува договорот од Пржино и да ги прекрши законите со непредавање на материјалите. За познавачите станува апсурдна и неговата вчерашна изјава според која само Заев знаел како да се чуваат приватните разговори на граѓаните. Експертите ја отвораат дилемата- дали Заев сметал дека лицето со дебело криминално досие викано Чауш е побезбедно место за чување на материјалите од специјалното обвинителство на Јанева.

Предавањето на незаконски снимените материјали на Захир Бекири, според познавачите на состојбите јасно ги открива намерите на Зоран Заев. Преку медиуми од надвор да почне да ги пласира приватните разговори. Соочен со лошиот рејтинг и недовербата од страна на граѓаните, крајната цел на Заев, е одложување на изборите.

Според неофицијалните информации неодамна Заев и лично заминал за Србија, а контакти со Божиновски имал и директорот на ПОЦ Саша Богдановиќ, во чие претпријатие работи сопругата на прво осомничениот Захир Бекири - Чауш.

Сител денеска се обиде да го обезбеди ставот на СДСМ за овој мега скандал. Лидерот на партијата Зоран Заев не одговори на телефонскиот повик и не возврати на испратената СМС порака во која го прашавме дали тој лично му ги дал приватните телефонски разговори на Захир Бекири викан Чауш.

Портпаролот на партијата Петре Шилегов одговори на повикот но не можеше да даде партиски став околу аферата. Не упати да испратиме е-маил до партискиот Центар за комуникации.

Во електронската порака прашавме

 1. Дали приватните телефонски разговори пронајдени кај осомничениот Захир Бекири Чауш потекнуваат од необјавените „бомби“ односно од материјалите стекнати со незаконско прислушување кои ги поседува  СДСМ и партискиот лидер Зоран Заев?

2. Дали СДСМ и Заев биле инволвирани во незаконска дистрибуција и продажба на приватни разговори на поединци и групи во земјава и странство? 

3. Дали  Со оглед на последните откриени злоупотреби на приватните разговори на граѓаните, СДСМ и Заев конечно ќе го испочитуваат законот и ќе ги предадат незаконски стекнатите разговори?

4. Која била целта на средбите документирани и со фотографии на лидерот на СДСМ г-дин Зоран Заев и генералниот секретар на СДСМ г-дин Оливер Спасовски, актуелен технички министер за внатрешни работи со осомниченото лице кај кое се пронајдени 70.000 приватни телефонски разговори, фалсификувани лични карти и други незаконски прибавени и произведени документи и материјали?

5. Дали СДСМ или некој нејзин функционер е вмешан во аферата со фалсификуваните лични карти?

Партијата не даде одговор на поставените прашања.