Свет
7. April 2017 - 9:32

Медиумси реакции на американскиот напад во Сирија

САД покажаа драстична промена на својот курс, оценува парискиот весник „Монд“ во коментарот на ноќешните американски напади врз сириската воздухопловна база кај Хомс.   

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека САД „треба да изберат во кои битки ќе учествуваат“, но снимките од нападите со хемиско оружје на 4 април променија се, наведува весникот.

- Ова беше неочекувана реакција, затоа што по нападот со хемиско оружје во август 2016 година, Трамп го предупреди својот претходник Барак Обама да не се меша во Сирија, иако при тој напад имаше многу повеќе жртви отколку во вторникот, додава „Монд“.  

Весникот потенцира дека Трамп уште во предизборната кампања, но и по преземањето на претседателската должност потенцираше дека приоритет на САД повеќе не е смена на режимот во Сирија.

- Американската акција, со ограничен напад врз само една воена база, изгледа има за цел да испрати порака до сирискиот претседател Башар Асад дека Трамп е решен да ги почитува своите „црвени линии“, заклучува „Монд“.

Сирискиот активист Кусај Закарија во изјава за лондонски „Телеграф“ наведува дека доколу Трамп не го наредеше ноќешниот напад, „режимот на Асад“ ќе извршеше масакр во Идлиб, кој е едно од последните упоришта на бунтовниците во Сирија.

- Со (хемискиот) напад режимот се обиде да им влее страв на противниците и да ги принуди да ја напуштат земјата, смета Закарија.

„Телеграф“ пренесува и изјава на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон дека „денешниот напад не значи оти САД се вмешуваат во сириската војна“. 

- Тој само јасно покажа дека претседателот (Трамп) е подготвен да преземе решителни акции, кога тоа е потребно, и мислам дека во овој случај употребата на забранетото хемиско оружје со кое се прекршуваат серија меѓународни норми и важечки договорто, мораше да добие соодветен одговор, порача Тилерсон, додавајќи дека сепак политиката на САД кон Сирија останува непроменета.

Специјаниот пратеник на САД во меѓународната коалиција вклучена во воздушните операции против групата Исламска ржава (ИД), Џон Алан во изјава за „Телеграф“ вели дека целта на американскиот напад била да се казни Асад, а не тој да биде победен и оваа акција нема да ги наруши односите на Вашингтон со Русија. 

- За Асад штетите од нападот се повеќе психолошки, Сега тој ќе треба внимателно да размисли за секој следен чекор, додава Алан. 

„Њујорк Тајмс“ смета дека брзината со која реагираше Администрацијата на Трамп по хемискиот напад во вториникот, имала за цел да постигне ефект на изненадување.

- Тоа е во суштинска спротивност со методичниот пристап на употребата на сила од претходната Администрација. Ова е најважна наредба на Трамп за употреба на сила, која има за цел да испрати порака до Северна Кореја, Иран и другите потенцијални противници дека новиот врховен командат на САД е подготвен да дејствува, заклучува „Њујорк Тајмс“.