Македонија
20. May 2016 - 8:31

„Матурска парада 2016“ на плоштадот „Македонија“

На плоштадот „Македонија“ денеска напладне ќе се одржи 10. „Матурска парада“ на која традиционално учениците кои го завршуваат средното образование танцуваат кадрил. 

Организаторот на настанот, Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, очекува да се вклучат околу 1.200 матуранти од 20 средни училишта од Скопје, како и 1.300 нивни врсници од 12 средни училишта во Струга, Охрид, Струмица, Валандово, Гевгелија и Неготино.

Официјалниот дел на програмата ќе почне во 11:40 часот со обраќање на градоначалниците. Потоа матурантите ќе кажат изјава за ненасилство, по што ќе следува директно вклучување на Радио Словенија од каде ќе се преземе музиката од Штраусовата опера „Лилјакот“ на која матурантите точно во 12 часот во сите градови учесници на манифестацијата ќе го танцуваат кадрилот. 

Никола Глигоров од Дирекцијата за култура и уметност на прес-конференција рече дека „Матурска парада“ е веќе традиционална манифестација која секоја година привлекува се поголем број матуранти кои доброволно се пријавуваат за учество.

- Заедно со матурантите од Скопје и од другите градови од земјава, во исто време кадрил ќе заиграат и матурантите од 15 европски држави и 120 градови. Пред почетокот на матурската парада матурантите ќе дадат изјава за ненасилство со што оваа манифестација придонесува за зајакнување на толеранцијата меѓу младите и повисоки цивилизациски вредности, истакна Глигоров.

„Матурска парада“ се одржува со поддршката од Делегацијата на Европската унија во Скопје и од Град Скопје кој е покровител на настанот.

Парадата на матурантите почна да се организира во 2001 година во Љубљана, а во Македонија првпат се одржа во 2007 година во Скопје и во Охрид во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Танцовиот спортски клуб „Ритам плус“ од Скопје. 

Во изминатите девет години на парадата во Скопје учествувале вкупно 6.552 матуранти и 8.146  во другите градови во Македонија.