Македонија
27. јуни 2016 - 17:09

Машинскиот факултет во Скопје ќе врши вештачење на лифтот во кој загина шестгодишното дете

Истрагата за несреќата која се случи вчера во Куманово а  во која загина шестодишно дете продолжува.

Основното јавно обвинителство  денес издаде наредба за вештачење на лифтот кое ќе се врши на Машинскиот факултет во Скопје и ќе треба да ги утврди причините за несреќата.

По наредба на надлежен јавен обвинител, лифтот е целосно изолиран и обезбеден со полициско присуство. Во исто време, обвинителот издаде наредба за одземање на севкупната документација од фирмата задолжена за сервисирање на лифтот, како и прибирање на друга неопходна документација потребна за расветлување на случајот.

Дополнително, уште во текот на вчерашниот ден издадена е наредба за обдукција на телото на починатото момче.​ 

Соседите видно вознемирени од несреќата изјавија дека детето само се спуштало од шестиот кат и веројатно го заглавило рачето во лифтот , но не знаат да објаснат како дошло до смртните последици. Тие  раскажуваат дека последните два месеца заштитната врата на лифтот не била во функција.

Инаку, зградата во која што живеело момчето е релативно нов станбен објект со приближно триесетина станови.