Свет
15. February 2018 - 14:07

Масакр на Св. Валентин во училиште: Ученик уби 17 лица

Снимката од апсење на 19-годишниот Николас Круз откако застрела 17 лица, покажува смирено момче, кого пријателите го опишуваат како волк-самотник и „луд“ по оружје.

Американските медиуми соопштија дека Круз бил исфрлен од училиште и оти за време на школувањето имал проблеми со однесувањето. 

Професорите се изненадени од тоа што токму Круз е напаѓачот, но оние кои подобро го познавале не мислат така.

- Цело време зборуваше само за оружје, за ножеви и лов. Не можам да кажам дека сум шокиран. Според претходните искуства со него, тој изгледаше како вид на момче кое е подготвено ова да го направи, изјави негов поранешен саученик.

Друг ученик рече дека Круз бил „дете со многу проблеми“.

- Секогаш изгледаше како многу нешта да го мачат. Знам дека стрелаше од оружје и оти тоа му даваше некакво чувство на возбуда, вели негов поранешен соученик.

Другите деца го опишуваат како волк-самотник.

- Беше издвоен, немаше многу пријатели. Беше луд по оружје и често знаеше да го вклучи противпожарниот аларм, поради што и го исфрлија, изјави 18-годишниот Чед Вилијамс.

- Беше тивок и мирен. Лично јас, никогаш не сум имал проблеми со Ник, изјави неговиот професор по математика Џим Гард. Сепак тој дополни, дека другите професори биле запознати оти тој преку меил им испраќал закани на другите ученици.

Полицијата соопшти дека детективите го прегледале компјутерот на Круз и оти досега пронашле „многу вознемирувачки работи“. кај него било пронајдено и големо количество муниција.

На фотографиите од социјалните мрежи се објавени фотографии на кои се гледа како Круз држи пиштол, ловечка пушка и три ловечки ножа меѓу прстите - како канџа. Некои од учениците наведоа дека имал објавено и фотографии со повеќе пушки на креветот и кутии со муниција.

Круз влезе во своето поранешно училиште во Паркленд на Флорида вооружен со автоматска пушка АР-15 и уби најмалку 17 лица.