Македонија
23. March 2017 - 20:13

Марш на иницијативата „За заедничка Македонија“ во Македонска Каменица

По дванаесетти пат граѓани поддржувачи на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ попладнево маршираа во Македонска Каменица.

Протестот се одвиваше низ улиците во центарот на Македонска Каменица и заврши на градскиот плоштад каде пред насобраните граѓани се обрати Анета Темчева, која  го повика народот да се освести и да не дозволи реприза од конфликтот од 2001 година.

- Народе, освести се, а вие мајки не дозволувајте да ја осетите 2001-вата на своја кожа. Отсекогаш имало предавници на оваа земја, не луѓе, туку плашливци за нејзино чување. Велат дека луѓето заминуваат оттука, но нѐ има и нас кои сме останале. Па и во нас тече крв, која е создадена од Бога, а сѐ што е создадено од Бога, вреди да се излие за Македонија. Со предавници околу нас, како ќе ја браниме земјата на Александар, кога и него го изгазивме. Заборавија некои и на Гоце, Сандански, Гули и Карев. Духот на Гоце нема никогаш да ви прости, истакна Темчева.

Протестен марш за унитарна Македонија се одржа и во Берово и Делчево.