Македонија
22. March 2017 - 20:18

Марш на иницијативата „За заедничка Македонија“ во Куманово

Кумановци и вечерва се приклучија на маршот што го организира граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и упатија пораки за зачувување на унитарноста на државата и отфрлање на тиранската платформа.

Протестниот марш започна од пред општина Куманово, продолжи по централните градски улици и заврши пред платото на Центарот за култура.

На кумановци им се обрати Маријан Гијовски, кој рече дека е чест да се говори во Куманово, кој го даде еден од најголемите македонски синови на 20 век, Драган Богдановски, за кого рече дека целиот живот и слугуваше на Македонија.

- За жал и во 2017 година овој народот и државата мора да се справуваат со политичари кои немаат личност, кои немаат почит ни кон себе, ни кон сопствениот народ. Се служат со сплетки и интриги и се надеваат на помош од надвор, изјави Гијовски.

Гијовски го повика лидерот на СДСМ да се огради од платформата изработена во Тирана. Додаде дека нивната стратегија е да се игнорираат граѓаните, но потенцира дека нема да се откажат.

- Нашата сила е во единството, изјави Гијовски, нагласувајќи дека единствена Македонија подразбира неменување на Уставот.

Изрази поддршка на претседателот Иванов, кој како што рече, веќе се запишал во историјата.