Македонија
21. February 2018 - 21:14

Марко Мицов во главна улога во „Рубини“ на Баланшин во Балетот во Сан Антонио

Македонскиот балетски уметник Марко Мицов настапи во главната машка улога на „Рубини“ - дел од трилогијата „Драгоцени камења“ во Тобин-Центарот за изведувачки уметности во Сан Антонио, САД.  Заедно со „Брилијанти“ и „Смарагди“, „Рубини“ е дело од 1967 година на американскиот кореограф Џорџ Баланшин. Партнерка на сцената на Мицов му беше Кејт Макстед.

Како што соопшти Македонскиот центар на ИТИ (Интернационален театарски институт), изведбата била на 16 февруари на 51-вата годишнина од делото кое се смета за култно во балетската уметност.

Уметничкиот директор на Балетот во Сан Антонио, Вили Шивес, изјавил дека имал чувство дека Марко ќе биде совршен кандидат за улогата, бидејќи има способност да ги презентира ликовите и движењето со сигурност. 

- Неговата изведба на отворањето беше моќна, игрива, забавна, возбудлива, и со еден збор - силна. Тој покажа шарм и ги исполни движењето со леснотија. Уште повеќе, тој направи голем впечаток на секој што ја виде неговата изведба. До денес, тоа е неговата најдобра улога и знам дека ќе ужива во повеќе дела кои на сличен начин ќе ја провоцираат неговата техничка издржливост и неговите уметнички способности, истакнал директорот на Балетот во Сан Антонио.

Марко Мицов 2

Марко Мицов се едуцирал во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје, во класата на проф д-р Соња Здравкова-Џепароска. Одиграл главни улоги во балетите „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“, „Копелија“, „Кармен“, „Сон на летната ноќ“ , „Дон Кихот“... 

- За жал, досега нема ниту една иницијатива за покана на овој успешен уметник да настапи во Македонија. Се надеваме дека ова наскоро ќе се смени и дека македонската публика заслужува да го види најуспешниот балетски уметник кој гради кариера надвор од Македонија, изјави неговата професорка Здравкова-Џепароска.

Македонскиот центар на ИТИ наведува дека кореографското наследство на Баланшин е регулирано со строго утврдени правила кои се однесуваат на добивање лиценца за изведба која вклучува професионални изведувачи/педагози, неизменета кореографија, идентични костими со премиерните изведби,  високо професионално ниво на трупата и солистите.

Покрај во Сан Антонио, балетот досега е изведен во најголемите светски балетски центри, како Њујорк сити балетот, Баљшој театарот, Париската опера...