Балкан
11. January 2017 - 10:38

Мариборски „Вечер“: Босанските Срби повторно ѕвецкаат

Босанските Срби повторно ѕвецкаат, но овојпат повеќе со зборови, отколку со оружје, наведува мариборскиот весник „Вечер“ во својот осврт на прославата на Денот на Република Српска во Бања Лука.  

На манифестацијата во Бања Лука беше и српскиот претседател Томислав Николиќ и некои членови на Владата на Србија, но не и српскиот премиер Александар Вучиќ, кој, како што наведува „Вечер“, во минатото „знаеше да ги заузда политичарите на босанските Срби“. 

Љубљанскиот весник „Дело“, потсетувајќи дека со Дејтонскиот мировен договор Србите во БиХ добија свои институции и уставно загарантирана положба на рамноправност и право на заедничко одлучување со другите народи во рамки на државата, оценува дека попустливиот однос на меѓународната заедница кон неуставниот референдум за Денот на Република Српска, може да предизвика и нови плебисцитарни изјаснувања од страна на босанските Срби.  

- На дневен ред би можел наскоро да се најде и референдум за отцепување на Република Српска, иако таа настана како резултат на етничко чистење и геноцид, наведува „Дело“, додавајќи дека ако почне да се реализира тоа сценарио, тогаш на „Босна црно и се пишува“.

Љубљанскиот весник „Дневник“ пак во тексот под наслов „Бања Лука не попушти пред Сараево“ наведува дека најспорен момент на прославата на Денот на Република Српска е тоа што на неа беше одржана и смотра на воените единици.

- Интересно е и што на прославата како главен говорник беше избран режисерот Емир Кустурица, кој рече дека Србите во БиХ се најголеми губутници од последната војна, при тоа не споменувајќи ниту еден збор за загубите и страдањата на другите народи, наведува весникот.

Според „Дневник“, по ваквата реторика на Кустурица, кој бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ го нарече „помошник на Луцифер“, говорите на Николиќ и на претседателот на Република Српска, Милорад Додик изгледале „толерантни“.