Македонија
12. September 2017 - 16:12

МАНУ бара стручна дебата пред пратениците да расправаат за Законот за албанскиот јазик

Додека законот за употреба на јазиците веќе се разгледува во втора собраниска комисија, МАНУ преку соопштение бара пред неговото усвојувањето да се отвори стручна и научна расправа за одделни прашања од законот со учество на експерти пред се лингвисти, правници и социолози.

Стручната и научна дебата, како што се наведува во соопштението од МАНУ, ќе придонесе подобро да се разберат предложените решенија, да се расчистат одделни недоречености што можат да создаваат проблеми при примената на Законот во практиката и да се разјаснат некои различни толкувања што се појавија во досегашната расправа.

Академиците сметаат дека дури по нивните стручни мислења за отворените прашања и дилеми, пратениците треба да иницираат конструктивна дебата.

,,Јазичниот плурализам е иманентна карактеристика на мултикултурното општество. Оттука, легитимни се инсистирањата на заедниците за унапредување на нивните јазични права. Македонците треба да го почитуваат тоа и да покажат интерес за јазиците на нивните сограѓани и за унапредување на нивните јазични права, култура и традиции. Но, и обратно – претставниците на другите заедници мора да покажат разбирање, толерантност и респект за македонскиот јазик, како јазик на мнозинскиот народ, и за неговата интегративна, обединувачка функција‘‘, стои во соопштението од МАНУ.

Академиците сметта дека предлог-законот, респектирајќи го принципот на бројната застапеност на заедниците, значајно ја проширува и ја унапредува примената на албанскиот јазик во Република Македонија, со цел да се затвори едно отворено прашање, кое создава меѓуетнички тензии и по промената на Уставот на Република Македонија во 2001 година.

Вчера и премиерот Заев ги уверуваше претставниците од Институтот за македонски јазик ,, Крсте Мисирков‘‘ и други македонисти, дека законот за употреба на албанскиот јазик нема да го загрози македонскиот, бидејќи согласно ставот 1 од амандманот 5 во Уставот на Република Македонија, и со Законот за употреба на македонскиот јазик и неговото писмо, истите се единствени службен јазик и службено писмо на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи.

Како што соопшти владината прес служба, премиерот додал дека предлог законот ја регулира употребата на немнозинските јазици на локално и, во определени области на централно ниво.