Фудбал
29. May 2017 - 15:44

Маљковиќ со Јулмаз и Паѓен во Скопје

Легендарната Марина Маљковиќ која изминатите шест години ги помина на кормилото на српската репрезентација во женска конкуренција претстојниот викенд ќе биде гостин на Македонската кошаркарска федерација и заедно со нашиот национален тим ќе покаже како изгледа еден нејзин вообичаен тренинг.
 
Заедно со Маљковиќ ќе биде и Неврије Јилмаз, првата турска кошаркарка која настапувала во американската женска професионална лига. Соработката помеѓу овие две трофејни поранешни кошаркарки започна во Галатасарај каде Јилмаз ја заврши професионалната кариера ланската сезона, а Маљковиќ ја врши улогата на тренер на женската екипа.
 
Јилмаз професионалната кариера ја започна во далечната 1997 година, а две години подоцна се закити со првиот трофеј во својата богата колекција – тој од домашното првенство во Турција кој го освои со Галатасарај. До крајот на кариерата освои вкупно десет трофеи од тамошното првенство и четирипати го подигна трофејот од државниот Куп. Кога станува збор за националната селекција на Турција, во својата колекција Јилмаз има еден сребрен медал од Европското првенство што во 2011 година се одржа во Полска, а во Франција, две години подоцна се закити со бронза.
 
Покрај Неврије Јилмаз, заедно со Марина Маљковиќ во Скопје ќе пристигне и Милош Паѓен, нејзината десна рака кога станува збор за стручен штаб.
 
Паѓен и Маљковиќ во 2012 година го издигнуваат Партизан на шампионско ниво како во тамошното првенство, така и во регионалната лига. Сезоната 2012/2013 ја завршуваат со три трофеи – во српскиот шампионат, во регионалната лига како и од државниот Куп. Потоа следуваше повик од Маљковиќ за Паѓен во стручниот штаб на сениорската српска репрезентација, а заедно беа дел и стручниот штаб на француски Лион во 2013 година. Нивната соработка  продолжува во Галатасарај.