Македонија
17. January 2017 - 10:23

Малешевскиот карневал „Ратевски бамбурци“ на 20 јануари

Беровско Ратево се подготвува за ново издание на малешевскиот карневал „Ратевски бамбурци“, кој традиционално се одржува на 20 јануари на верскиот празник Свети Јован Крстител.

Членовите на групата „Ратевските бамбурци“ подготвуваат нови маски од кожи и ги преправаат старите, за да можат да го прикажат обичајот онака како што постоел со векови во селото Ратево.

Ванчо Тасевски член на групата истакна дека процесот на изработка на кожите не е тежок, туку има своја специфика која тие ја научиле од нивните родители.

- Кожите ги обработуваме со сол, па ги ставаме да се исушат. Самиот процес на изработка на маските трае околу две недели. Маските мора да бидат страшни. Имаме најразлични кожи, некои се тешки и по 70 килограми. Имаме клопотарци, рацете ни се исцрнети, така што ние со нашата игра ќе се обидеме и оваа година да го избркаме лоштото од Малешевијата, рече Тасевски.

Зад маските на бамбурците се кријат млади момчиња на возраст од 20 до 30 години. Во последно време е голем интересот и кај најмладите да бидат дел од семејството на бамбурците.

- Имаме млади членови на пет години, но имаме и на 70 години. Сите сакаат да бидат дел од овој обичај. По традиција на денот на Св. Јован Крстител, секој кој ќе дојде во селото треба да го исцрниме на лицето, тоа е за здравје, рче Кирил Аврамски, член на групата „Ратевски бамбурци“.

Атанас Валмарски, претседател на Здружението „Ратевски бамбурци“ истакна дека традицијата на бамбурците која во селото Ратево постои со векови, последниве девет години израсна во карневал со меѓународен предзнак и запишан во семејството на европски карневали.

- Годинава деветти пат ќе го организираме фестивалот. Најавено е учество на сите покарактеристични карневалски групи од Македонија, како и од соседна Бугарија. Самата организација на карневалот е со поддршка на спонзори. За најдобрите маски обезбедуваме награди, а за гостите ќе имаме заеднички ручек, истакна Валмарски.

Локалниот обичај, играта на бамбурците во Ратево почнува рано наутро на 20 јануари, на денот посветен на Св. Јован Крстител и има една цел, со танцот на бамбурците да се избрка злото во Малешевијата. Годинава на меѓународниот карневал, се очекува во Ратево да продефилираат над 200 маски од Македонија и соседните земји, а нивниот танц ќе почне на пладне.