Македонија
21. September 2017 - 16:31

Мала Богородица собра стотици верници од целата држава на едно место, манастирот воведение на Пресвета Богородица Елеуса во Вељуса

Големиот христијански празник  Мала Богородица собра стотици верници од целата држава на едно место, манастирот ,, Воведение на Пресвета Богородица Елеуса,,  во Вељуса. Празникот посветен на денот кога е родена мајката Божја и годинава беше повод река од верници да се упатат кон еден од најстарите манастири во државата и да го одбележат овој значаен христијански празник, да и оддадат почит на Богородица, да запалат свеќа за здравје, но и да присуствуваат на целоноќното бдение, служба целосно посветена на Пресвета Богородица.

,, Суштината на овој празник е голема и од големо значење за нас луѓето, православниот народ бидејќи се раѓа не било која личност, туку се раѓа личноста која што ќе го претставува садот во кој ќе се смести несместливиот. Се раѓа личност чија што утроба ќе биде најчистото место каде што ќе расте зачнатиот од светиот дух и тоа е личност или Богородица нели со која што ќе започне домостројот Божји,  односно планот за спасението на човечкиот род од гревот и од смртта.,, вели отец Григориј

Откако  беше повторно востановен монашкиот живот Одбележувањето на празникот посветен на раѓањето на Божјата мајка во манастирот во Вељуса започнува ноќта спроти празникот и тоа со целоноќно бдение на кое присуствуваат голем број верници, а завршува со литургија и причест.

 Инаку манастирот во Вељуса постои од 1080 година кога тивериополскиот епископ Мануил подигнал црква која ја посветил на Богородица. Според кажувањата од манастирот оваа црква е единствената од тој период во државата која е целосно сочувана без никакви доградби. Во земјата постојат и постари цркви од неа, но сите тие во одреден период биле урнати, а потоа доградувани.