Фудбал
24. March 2017 - 17:10

Македонското знаме развеано во Вадуц

Во Лихтенштајн во текот на денот нема фудбалска еуфорија. Единствено што потсетува дека некој меѓународен настан, овојпат спортски, ќе се случи тоа се развеаните знамиња на домаќинот и македонското пред државната управа. 

Единствено што дознавме од еден наш поранешен фудбалер кој живее во Лихтенштајн, струмичанецот Тони Мицевски-Струјата е дека постои интерес кај нашите иселеници во Швајцарија кои сигурно ќе ги пополнат трибините на Рајнпарк Арената но колкава ќе биде таа бројка тешко е да се прогнозира.  Мицевски е оптимист дека ќе има до 3000 Македонци со развиорени знамиња, колегите новинари прогнозираат до 500. 
Сеедно, Пандев и останатите наши репрезентативци ќе имаа повеќе навивачи од домашната селекција а тоа може да биде екстра мотив за посакуваната победа, која желно ја чекаме како дожд после суша. 
Офанзивна игра на една карта најави селекторот Ангеловски а тоа го потврди и со најверојатниот состав кој ќе истрча на тревникот во Вадуц. Тоа се Димитриевски, Ристевски, Шиков,Велковски Ристовски, Николов, Спировски, Тричковски, Пандев, Ибраими и Несторовски.
Средбата започнува во 20.45ч. Судиската тројка е од Белгија.