Бизнис
14. October 2015 - 19:46

Македонско-унгарско- тајвански бизнис форум

Земјоделството, градежништвото, текстилот, прехранбената и метало-преработувачката индустрија, се само некои од секторите во кои Македонија и Унгарија можат да ја интензивираат економската соработка, но деловните односи ќе се унапредуваат и со Тајван преку зголемување на извозот. 

Како што беше речено денеска на трилатералниот бизнис форум организиран во рамки на „Технома 2015“, размената е една од основните цели на кои мора да се работи. Потенцијалите се големи, но неопходно е реализирање директни контакти меѓу компаниите.

- Нивото на трговска размена може значително да се зголеми. Потенцијали постојат, треба да ги искористиме преку вакви директни средби и форуми, изјави извршниот директор на Сојузот на стопанските комори (ССК) Митко Алексов пред почетокот на форумот.

Според него, големи се можностите за повисоки форми на соработка со Унгарија, како заеднички вложувања и настапи во трети земји, додека во однос на тајванскиот пазар кој е многу специфичен, пребирлив и конкурентен, детектирани се можности за извоз на земјоделски производи и вино, како и во информатичките технологии.

- Договараме настап на одредени саеми во Тајван кои се со голема репутација и посетеност. На нив македонските компании би можеле да се промовираат и да се остварат директни бизниси, нагласи Алексов.

Белинда Јао од Тајванскиот совет за надворешен развој оцени дека е ваквите средби се одлична можност за непосредно запознавање на компаниите.

- Првпат доаѓаме тука. Сметаме дека ова е добра можност да се запознаеме и да соработуваме заедно, со македонските и со унгарските компании, рече Јао.

Саше Јанакиевски од Македонско-унагсрката стопанска комора изрази уверување дека бизнисот форумот да даде резултат во најскоро време. - Заложбата на унгарските компании е заедно со македонските да го освојат предизвикувачкиот тајвански пазар, изјави Јанакиевски. 

Вкупната размена меѓу Македонија и Унгарија годишно изнесува околу 100 милиони американски долари, а размената со Тајван достигнува 90 милиони долари. Со Унгарија бележиме трговски дефицит, а со Тајван суфицит. Македонскиот извоз во Тајван е 60 милиони долари при што доминантен е феро-никелот.

Во бизнис-делегациите од Унгарија и Тајван, на фопрумот присуствуваа реномирани компании од повеќе индустриски области - производство и продажба на високо квалитетни алатки за обработка на метал, инженерство, пневматици, машини за одржување површини, пота на алати за автомобилската индустрија,... од унгарска страна, како и производство на таблети, звучници, рутери, таксиметри,... од тајванска.

Форумот го организира ССК во соработка со Унгарската национална трговска куќа во македонија и Тајванскиот совет за надворешен развој.