Ракомет
14. January 2017 - 16:03

Македонските ракометари играат против Ангола во второто коло од Светското првенство во Франција

Македонската ракометна репрезентација по вчерашниот слободен ден вечерва во Мец го игра вториот натпревар од Б групата на Светското првенство во Франција. Противник ни е селекцијата на Ангола, која на стартот загуби од Словенија. На вчерашниот тренинг Дејан Манасков тренираше со намален интензитет.
 
На вчерашниот тренинг Филип Талески, кој против Тунис постигна два гола изјави: Тунис е веќе минато. Се подготовуваме за Ангола. Играат добро, иако со Словенија не го покажаа тоа. Имаат силна надворешна линија, бековите им се квалитетени, а селекторот Червар ќе подготви тактика за уште една победа.

За денешниот настап неизвесен е Велко Маркоски, па може да се очекува токму Филип Талески да го заземе неговото место во одбраната кога Македонија ќе игра зона „5-1“.

 
Натпреварот Македонија – Ангола е последен од денешната програма во групата Б и почнува во 20:45 часот. Претходно играат Словенија – Исланд (почеток 14:45 часот) и Шпанија – Тунис (почеток 17:45 часот).