Македонија
18. December 2017 - 14:59

Македонските институции се обучуваат за аплицирање за грантови од ЗКФ

Македонија се наоѓа на мапата на Обединетите нации на земји кои ќе имаат последици од климатските промени во наредниот период, а земјава досега воопшто нема користено средства од Зелениот климатски фонд (ЗКФ) на ОН во кој се предвидени над 10 милијарди евра за  да се превенираат последиците од климатските промени.

Со цел да се презентираат можностите за искористување на средства од Фондот денеска и утре во Скопје се одржува регионална работилница на која државните институции ќе треба да научат како да изготвуваат предлог проекти, кој е процесот на аплицирање, постапката за акредитација на субјекти со директен пристап, а ќе бидат споделени и успешните практики од други земји корисници на средства. 

- Потребно е да се направи стратегија и план како последиците од климатските промени ќе се превенираат во земјоделството, енергетиката, економијата и во делот на подобрување на животот на граѓаните, рече вицепремиерот за економски прашања и национален координатор на ЗКФ Кочо Анѓушев на отворањето на работилницата.

Тој посочи дека Македонија воопшто нема искористено средства од ЗКФ и додаде дека соседните земји веќе искористиле грантови од 100-тина милиони евра што се нудат за справување со климатските промени.

- Владата и сите министерства и институции, вклучително и Град Скопје ќе бидат посветени на аплицирање за проекти во ЗКФ. Се надеваме дека ќе успееме да напрвиме атрактивни проекти кои ќе бидат финасирани со грантови за да се создадат подобри услови за живот на граѓаните и да се превенираат последиците од климатските промени, рече Анѓушев.

Прецизира дека може да се очекуваат проекти во делот на енергетска ефикасност и земјоделството.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски нагласи дека имале значајна поддршка од Организацијата за храна и земјоделство на ОН -  ФАО за искористување на климатското финансирање од ЗКФ во насока на транформирање и прилагодување на земјоделскиот сектор во Македонија.

- МЗШВ и нашите тимови се комплетно подготвени да се спроведе акредитацијата на институциите и да се дефинираат областите и конкретните проекти со кои Македонија ќе аплицира за искористување на средствата од ЗКФ, рече Николовски. 

Посочи дека земјоделството во Македонија учестува со 16 проценти во БДП и обезбедува работа за 36 проценти од населението и додаде дека овој сектор е многу чуствителен на климатските промени и услови.

Постојанта координаторка на ОН и Програмата за развој на ОН во Македонија, Луиза Винтон посочи дека во Македонија секоја година се гледаат последиците од климатските промени преку суши или поплави.

- Тоа покажува колку се сериозни климатските промени. ЗКФ нуди многу добри можност за да се ублажат последиците од климатсктие промени и да се намалат емисииите на стакленичките гасови кои придонесуваат за проемните, рече Винтон.

Нагласи дека во регионот се доделени само неколку грантови од ЗКФ, а послединиот, како што кажа, бил доделен во Босна и Херцеговина во октомври 2017 година во висина од 70,3 милиони долари како грант кој довел до инвестиции во вредност од 122,6 милиони долари.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов истакна дека во последните години во Скопје се почесто се појавуваат екстремни појави кои неповолно влијаат врз здравјето и животната средина.

- Фондот ни нуди можност за обезбедување на средства за проекти од областа на климатските промени инамалување на емисиите на ЦО2, рече Шилегов и додаде дека дополнителната финасиска поддршка е потребна за спроведување на активностите планирани за справување со климатските промени.

Посочи дека во буџетот на Град Скопје за 2018 година се предвидени 141 милион денари за Секторот за заштита на животната средина што е за три пати повеќе од средтвата во тековниот буџет.

Работилницата се очекува да резултира со изготвување на тригодишен план на национални активности кои ќе ги зголемат можностите за соработка со ЗКФ, идентификувани приоритетни области за поддршка од Фондот, национални процедури за ангажман со ЗКФ, како и листа на релевантни државни институции и субјекти од приватниот сектор и потребна експертиза за нивно вклучување во процесот. Со владините претставници од земјите од Западен Балкан ќе се разменат искуства и ќе се разговара за можностите за регионална соработка со ЗКФ.

ЗКФ е формиран во 2010 година, од 194 влади на 16-тата Конференција на членките на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации, како дел од финансискиот механизам на Конвенцијата. Фондот ги поддржува напорите на земјите во развој да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да се прилагодат на негативните влијанија од климатските промени.