Македонија
16. February 2018 - 14:34

Македонски уметници на изложба за 50 години од „2001: Одисеја во вселената“

Режисерот Јане Алтипармаков и фотографката Наташа Гелева ќе учествуваат на изложбата „2001: Одисеја во вселената - 50 години“ која на 21 март ќе биде отворена во Филмскиот музеј во Франкфурт.

Се работи за ретроспективна изложба во чест на култниот филм на Стенли Кјубрик од 1968 година, кој и официјално од Американскиот филмски институт е прогласен за најдобар научно-фантастичен филм.

Алтипармаков и Гелева ќе ја претставуваат македонската културна сцена на официјална покана и препорака од Јан Харлан, извршниот продуцент на филмовите на Кјубрик.

Покрај промоцијата на нивни дела, македонските автори ќе сработат и фоторепортажа за изложбата, која подоцна ќе биде презентирана во јавноста.

Изложбата за половина век од  „2001: Одисеја во вселената“ е составен дел од Кјубрик-фестивалот, иницијатива од Фондацијата „Стенли Кјубрик“.

Содржини на Кјубрик-фестивалот досега се поставени во Мексико и Данска, а дел од фестивалот беше и Македонија преку ревијата  филмови на Кјубрик на минатогодишниот Скопски филмски фестивал.

На јубилејната изложба во Франкфурт посетителите ќе имаат можност да погледнат артефакти од снимањето на епскиот научно-фантастичен  филм - познати, но и не толку познати за пошироката јавност.