Македонија
7. July 2017 - 18:34

Македонски туристи без фискална се казнуваат во Грција по 100 евра

Македонски туристи деновиве се соочиле со казни од грчките пазарни инспектори, поради тоа што немале фискални сметки со себе за купените произвори.
 
Дел од нив морале да платат казна од 100 евра, колку што предвидуваат законските прписи во Грција. Поради засилените контроли, грчките инспектори секојдневно се на терен и казнувале за секоја не издадена фискална сметка, во продавниците, рестораните и локалите.
 
Токму поради тоа на сите грчки ресторани, се поставени и табли со натпис: "Клиентот не е должен да плати, ако не добие фискална сметка".
 
Но, покрај контролата на трговците, според тврдењата на туристите, инспекторите масовно проверувале и дали купувачите ги поседуваат фискалните сметки на излез од објектите каде пазареле.
 
Како што пишуваат грчките весници токму во летната сезона проверките се засилени, бидејќи Министерството за финансии сака да го ограничи затајувањето на приходите,а даноците редовно да се подмируваат.
 
Неодамна грчкото Министерство за финансии предупредува дека многу често трговците ја намалуваат цената на стоките, ако клиентот се согласи да не добие фискална сметка. Според искуството на инспекторите најчесто измамени клиенти се странци кои не се сомневаат дека можат да бидат казнети.
 
Иако јавно не сакаат да зборуваат, дел македонскин туристи тврдат дека по овој основ се соочиле со парични казни од грчките инспектори.